Во фудбалски Прилеп и меѓу симпатизерите на фудбалот и во таборот на Победа и натаму главна тема на разговор се случувањата на неделниот натпревар Силекс-Победа. Кратовчани стигнаа до 3-те бода со победата од 2-1, остварена во самиот финиш на натпреварот, со гол од пенал, кој според играчите на Победа и љубителите на фудбалот е измислен и поклонет на домаќините.
“Силекс стигна до победа во многу значаен натпревар за двете екипи. Домашните беа подобри во првото полувреме, кога и поведоа со 1-0, а Победа беше поквалитетен противник во вториот дел кога израмни на 1-1. Но, во моментите кога се решаваше прашањето на победникот благодарение на неколку грешки на судијата, со кои нашиот тим беше оштетен, не успеавме да оствариме поволен резултат кој со нашата игра го заслуживме”, се вели во официјалната кратка реакција од таборот на Победа.
Во прилепската јавност пак коментарите се далеку поостри. Љубителите на фудбалот кои го следеа натпреварот преку платформата на ФФМ, а група навивачи и во живо мечот во Кратово, се огорчени и сметаат дека главниот судија Фатон Мустафи му подарил пенал за победа на Силекс. Измислил удар од белата точка кој само тој и никој друг на стадионот во Кратово не го видел. Ја оштетил Победа и при санкционирањето на непостоечки прекршок на Гешоски во гол шанса за Победа…Тој и неговите помошници немале изедначен критериум при својата арбитража, евиденто фаворизирајќи го домашниот состав. Во Битола со Пелистер загубивме и чесно го признавме поразот, а грешките ги побаравме во своите редови, но овојпат имаше туѓи грешки кои не чинеа најмалку еден бод, коментираат прилепчани. Прилепчани не сакаат привилегии и помош од никого, eдинствено бараат фер и коректна арбитража. Не ги интересираат стари сметки на релација клубови-судии, кој на кого му враќа, во која шема е…. Првенството само што започна, ова е само 2-ро коло и апел од фудбалски Прилеп да се остават играчите она што го знаат и умеат да го покажат на терен. Ништо повеќе-ништо помалку! Aко заслужуваат да изгубат, нека изгубат. Но, ако заслужиле бод, или 3, никој да не им ги ускратува.