Распад во СДСМ Прилеп, и Сугарески поднесе ocтавка

Поранешниот пратеник и министер за транспорт и врски, Горан Сугарески, објави дека поднесува оставка од функцијата претседател и член на Надзорниот одбор на СДСМ, по поразот во првиот круг од локалните избори како кандидат за градоначалник на Прилеп.

Сугарески најавува и дека нема да се врати на позицијата директор на Царинската управа, од каде што си поднесе оставка како морален чин за растоварен да влезе во градоначалничката трка.

-Во знак на морална одговорност за неуспехот на локалните избори, како на локално така и на централно ниво, поднесувам оставка од функцијата претседател и член на Надзорниот одбор на СДСМ.

Извршувањето високи партиски и државни функции, покрај другото подразбира и одговорност кон граѓаните и членовите на нашата партија. Во таа насока, оставката претставува мој придонес за што побрза консолидација на партијата и што поскоро враќање на победничките патеки.

Упатувам благодарност на актуелното партиско раководство, како и на сите членови на партијата за укажаната можност да извршувам високи партиски функции, меѓу кои и последната, претседател и член на Надзорниот одбор.

Јас сум социјалдемократ, секогаш тоа и ќе бидам. Останувам верен на партијата и се ставам на располагање за било каков понатамошен ангажман, објави Сугарески.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.