Просториите за вагите претворени во јавно ВЦ, треви и до едно метро, тезгите корозирани: Маалските пазарчиња во Прилеп оставени на забот на времето (ФОТО)

Маалското пазарче во населбата Марино Маало во Прилеп е претворено во вистинска руина. Ако пред некоја година тука се продаваа свежи земјоделски производи, а за жителите на оваа населба тука беше единствената пилјара, денеска местото е целосно запуштено, затревено и унишитено.

Просторијата каде порано се чуваа вагите и другите мерни инструменти, сега е претворена во јавно ВЦ, па наоколу се шири неподнослива миризба.

Поранешните пазарџии кои тука држеа тезги под закуп, велат дека конкуренцијата си го направила своето, но и дека е неисплатливо повеќе да се продава, пред се’ поради, според нив, високите цени за закуп на тезга.

Ништо не е подобра ниту состојбата на маалското пазарче во населбата Точила. И таму треви, запуштени и корозирани тезги, празно…оставено на забот на времето.

Граѓаните бараат ЈП Пазари или да ги дислоцира овие пазарчиња и да го ослободи просторот, или истите да ги реновира, па со тоа одново да се вратат продавачите на обошје и зеленчук.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.