Промовиран хорот при црквата Св. Петка

Во Православната Црква, музиката, т.е. црковното пеење, отсекогаш, уште од самите почетоци на христијанството, завзема посебно место и значење во богослужбениот живот. Како една од литургиските уметности, музиката го надокнадува она што човекот не може со зборови да го искаже, а е најдлабок порив на човековата душа и мисла. Од нашиот македонски род, како дел од православната екумена, низ богатата духовна историја на овие простори, произлегле многу истакнати, знајни и незнајни, музикословни химнографи, композитори, дидаскали на псалтикијната уметност.
Нашиот град – херој и првоборец, својот епитет како првенец во народните борби за духовна и национална слобода го заслужил многу порано од официјалното прогласување пред седумдесетина години. Токму од Прилеп, ќе происходат едни од најзначајните духовни и национални дејци, вклучително и од поновата музичка историја на македонскиот народ. Такви се нашите сограѓани Георги Смичков и Атанас Бадев, од кои последниот се смета за прв професионален композитор на Македонија, со оглед на неговото високо музичко образование во Петроград, кај познатите руски и светски композитори Н.Римски-Корсаков и М.Балакирјев. Надоврзувајќи се на оваа прилепска и македонска хорска традиција, Иницијативниот одбор за изградба на храмот Света Петка, стана и иницијатор за основање на нов прилепски хорски ансамбл, кој ќе биде наменет исклучиво за потребите на новоизградениот Божји дом во населбата Точила. Фактот што во Прилеп повторно се гради храм после околу 100 години, коинцидира со основањето на професионален хорски ансамбл после исто толкав временски период. За оваа цел беше дадена согласност и благослов од надлежниот архиереј, Митрополитот Преспанско-Пелагониски и администратор Австралиско-Новозеландски г.Петар. Веќе уште летото 2015 година започнаа консултациите помеѓу членовите на Иницијативниот одбор и маестро Гоце Секулоски, кој е истакнат деец во областа на црковната музика во Македонија.
Хорот одржува интензивни проби за спремање и изучување на музичкиот материјал од Божествената Литургија на Атанас Бадев, што е предуслов за нивната духовна дејност во рамките на храмот на Св.Параскева. Чувстуваме одговорност тука да спомнеме дека во периодот што следи, хорот при Света Петка, ќе треба да ја има поддршката од сите наши сограѓани, од свештенослужителите, од локалните власти, бизнис секторот, како и од верниот народ, зашто големото дело кое се соврши со изградбата и осветувањето, т.е., пуштањето во употреба на храмот, станува дотолку повеќе видливо и благословено, ако за своја кулминација постојано, сега и во веки, ја има Светата Литургија, благолепно отпеана од достоен македонски и православен хорски ансамбл. Ова се имињата на сегашниот состав на хорот: Диригентот м-р Гоце Секулоски, сопраните – Андријана Дукоска, Валерија Николовска, Маја Црвенкоска, Ана Митоска, Жане Илиеска, Наташа Седлоска, Маја Ристеска, Ана Спиркоска; алтите – Ангелка Поповска, Јулија Златеска, Катерина Попоска, Анкица Митреска; тенорите – Денис Најдоски, Марјан Златески, Бане Мицески, Леонардо Ковилоски и басите – Никола Илиески, Мартин Тренески и Ѓорѓи Костоски.

[Best_Wordpress_Gallery id=”115″ gal_title=”SvPetkaHor”]




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.