Прогласени се добитниците на книжевната награда “Васил Иљоски” – свеченото доделување на наградите ќе се одржи во Крушево

Во вторник, на 24.12.2025 година во 18 часот, во Спомен-собата на Васил Иљоски во Крушево, ќе се одржи свечено доделување на книжевната награда којашто го носи името на еден од столбовите на македонската драма, но и на македонската книжевност воопшто, македонскиот писател Васил Иљоски.

Книжевниот кружок „Васил Иљоски“ Крушево, којшто беше основан годинава, во склоп на Здружението за афирмација на култура, екологија и рурален туризам „Културен манифест“ Крушево, а со дозвола од наследниците на потесното семејство на Иљоски и нивна поддршка за остварување на оваа идеја, годинава за првпат ја востановува книжевната награда „Васил Иљоски“.

Книжевниот кружок „Васил Иљоски“ ги прогласи и првите лауреати на оваа престижна книжевна награда.

Книжевната награда „Васил Иљоски“ за животно дело, ја добива истакнатиот македонски писател Венко Андоновски.

Книжевната награда „Васил Иљоски“ за развој на македонската книжевност, ја добива македонскиот поет Михајло Свидерски.

Оваа година ќе биде доделена и специјална книжевна награда „Васил Иљоски“ за 40 години книжевно творештво, којашто ја добива македонскиот поет и книжевник Никола Јовановски.

По свеченото доделување на наградите, настанот ќе продолжи со претставување на творештвото на тројцата лауреати, интерактивен разговор со читателите и сето тоа ќе биде заокружено со потпишување книги од страна на авторите.

Настанот е од отворен карактер и може да присуствува секој вљубеник во пишаниот збор на македонски јазик.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.