Прилепчанка дели правда на фудбалските терени ширум Европа

– Грешките се составен дел, нема безгрешни судии

Најактивен фудбалски судија од градов во последно време е Ирена Велевачкоска. Покрај на терените од домашната сцена, амблемот од ФИФА и овозможува да дели правда и на натпреварите низ Европа. Последен меѓународен настап беше квалификацискиот турнир во Република Ирска, за женски репрезентации до 17 години. Главен судија беше на дуелите Р. Ирска – Ф. Острови (6-0) и Ф. Острови – Белорусија (2-1), а четврти на Р. Ирска – Белорусија (2-0).

sudi_bez_greska_-_irena_velevackoska

Како беше на стадионот во Корк?

– Одлично поминав, со колешки од Турција, Швајцарија и Ирска. Како порано, бев два меча главна, еден четврти судија. Веќе првата оценка што ја добив е одлична, а се надевам дека и втората ќе биде иста, затоа што судењето беше без грешка.

Како гледаш на судиските грешки?

– Составен дел од играта. Нема безгрешни судии. Само грешките да не се со намера.

Како помина на Ф. Острови – Белорусија (2-1), изненадување?

– Токму изненадување. Многу тежок натпревар, бидејќи имаа исти бодови и се бореа за трето место. Имаше многу прекршоци и желба за победа од двете страни.

Често делегирана си и на домашната сцена?

– Сум на листата од Првата и Втората лига за мажи за четврти судија. Судам во младинските лиги, Женската, се до Општинската лига.

Споредбата овде и во странство?

– Почнувајќи од инфраструктурата до организацијата, културата, квалитетот на фудбалот, има голема разлика. Правилата се исти, но нужно е прилагодувањето.

Судењето на машки екипи?

– Во почетокот беа скептични да видат женско да им дели правда, но со времето тоа стана најнормално. Можеби играчите чувствуваат некоја умереност, за разлика од колегите. Полека и ова исчезнува, оти сите бараат квалитетно судење. Никој не е поштеден од критики. Се трудам да бидам на висина на задачата.

Твоите планови и амбиции?

– После доброто судење во Ирска се надевам дека напролет ќе ја добијам најквалитетната елитна група да се доближам кон амбициите – Европско првенство. Полека, со многу мечеви, тренинзи и добри оценки достижно е Европското.

Извор: Неделник Зенит




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.