Во крајно возбудлив натпревар во првото коло од вториот круг натпревари во Суперлигата на Македонија, ракометарите на Тинекс Пролет ремизираа (23-23) пред своите навивачи со екипата на Прилеп. Домаќините испуштија триумф на крајот од мечот, а прилепчани прокоцкаа плус 5 во второто полувреме.
Ова беше натпревар за приклучок кон горниот дел од табелата, но прилепчани одново покажаа дека нешто сериозно недостасува во нивната игра.
Познавачите на ракометот во Прилеп клубот го критикуваат за лоша селекција на играчи од управата, катастрофална одбрана, нарушени меѓучовечки односи… кои се потенцираат како дел од причините за лошата сезона засега.
Иако финансиски стабилен клуб, кој благодарение на компанијата “Комфи Ангел” и опстојува, за жал со минимална поддршка од општината, резултати сепак се скромни.
Веќе неколку години се тапка во место. Време е да се направи подобра стратегија, да се добие Универзална сала и конечно пред полни трибини прилепчани наместо да гледаат европски ракомет во Битола, тоа да го прават во Прилеп.
После натпреварот 12-то коло во Супер лигата, РК Прилеп на своето салдо има 4 победи, 2 нерешени резултати и 6 порази. Екипата има 10 бодови на табелата и се наоѓа на осмото место. Со оваа игра и овие резултати, Прилеп одново ќе игра плеј-аут.
Во наредното коло нашите ракометари го пречекуваат Куманово.