Пишува: Отец Љупче Петрески
Изминатата седмица група од осуммина прилепчани заминавме на едно незаборавно патешествие во срцето на Италија – во Доломитите, планините кои како магија повторно и повторно го повикуваат човекот да им се врати. Со своите бајковити зелени долини, шармантни алпски куќички со цветни балкони и стада крави кои мирно пасат на падините, тие оставија силен впечаток кај секој од нас.
Покрај прошетките околу езерото di Braies, висорамнината Seceda во Val Gardena и Трите врвови (Tre Cime) на Лаваредо, нашата екипа го освои врвот Piz Boe (3152 мнв), една од гордостите на Доломитите. Денот потоа, дел од групата продолжи со уште посериозен предизвик – освојување на највисокиот врв на оваа планинска глетка, величествената Пунта Пениа (3343 мнв) на планината Мармолада.
Отец Љупче Петрески и Горан Кироваков – Џокерот, минувајќи преку глечер а потоа искачувајќи се via ferrata, патека обезбедена со челични сајли и клинови, со возбуда и трепет ја минуваа карпестата стихија на „кралицата на Доломитите“. Тоа беше искуство кое бара концентрација, сила и храброст, но во исто време буди чувство на вистинска слобода.
Кога конечно се искачивме на врвот, пред нас се отворија глетки што оставаат без здив. Доломитите беа на дланка – камени џинови кои гордо се издигнуваат над зелените долини. А при чисто небо, погледот се протега до недоглед, далеку над познатите масиви, кон планини кои како да немаат крај.
Ова патување останува врежано како еден од најубавите подвизи – не само заради освојувањето на врвовите, туку и заради спојот на природната убавина, пријателството и љубовта кон планината.