Горди што се наоѓаат на браникот на одбрана на државата, илјадници прилепчани и на дожд и на ветер, секоја вечер маршираат за “Заедничка Македонија”. Гласни и со силни пораки, под црвено-жолт превез и вечерва цел Прилеп маршираше од споменикот на “Прилепските бранители” до комплексот “Карпалак”.
“Навистина е посебно да се биде на страната на одбраната на државата и нејзината унитарност”, “Нема да застанеме и нема да се предадеме”, “За татковината се работи, а ние сме тука и со крв да ја одбраниме”, беа дел од пораките на учесниците во вечерашниот марш, кои ја чувствуваат потребата секоја вечер да се приклучат на маршот “За заедничка Македонија”.
Пораките до трговците со државните симболи и национални интереси се секоја вечер пожестоки, а казната за нив, според прилепчани ќе биде осудата од идните генерации, кои ќе ги паметат како предавници на едно време.
Нови избори се решение за крај на кризата, со овие зборови се обратија вечерашните говорници до граѓаните, кои беа согласни со тоа барање.
Пред прилепчани вечерва се обрати и бранителот од конфликтот во 2001 година, Александар Јованоски, кој бил ранет во тие воени денови од поновата македонска историја, а одново со свој говор се обратија и чуварите на мајчиниот јазик, професорите по македонски јазик.
Маршот “За заедничка Македонија” во Прилеп, продолжува и утре, со почеток од 19 часот пред хотел “Липа”.