Владата соопшти дека на денеска одржаната вонредна, 46-та седница, донела одлука да го овласти постојаниот претставник на нашата земја во НАТО, амбасадорот Дане Талески, да даде согласност за прием на Кралството Шведска и Република Финска за членство во НАТО.
Премиерот Димитар Ковачевски пред два дена рече дека земјава го поддржува влезот на двете нордиски земји во алијансата.
Тој, според владината прес-служба, во телефонски разговор со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг „ја поздравил иницијативата на Шведска и Финска да станат членки на НАТО и додал дека „Северна Македонија ќе ја забрза постапката за одобрување на приемот во членство во Алијансата на овие две земји“.