Младиот прилепчанец Лука Најдоски испиша историја на светската сцена во воздухопловното спортско моделарство, освојувајќи го првото место во Светскиот куп и титулата светски јуниорски шампион за 2025 година.
Ова престижно признание официјално му беше врачено на годишното пленарно заседание на Комисијата за аеромоделарство (ЦИАМ), во рамки на Светската федерација за воздухопловни спортови (ФАИ), што се одржа во Лозана. Со медал и диплома во рацете, Лука ја потврди својата извонредна сезона и континуираниот напредок во овој специфичен спорт.
Како член на прилепскиот клуб „Фил Феникс“ и дел од македонската репрезентација, Најдоски доминираше во категоријата Ф1А – едрилици во јуниорска конкуренција. Покрај светската титула, тој се најде и на високото 13-то место на светската ранг-листа во сениорска конкуренција, што претставува дополнителен доказ за неговиот квалитет и потенцијал.
Љубовта кон воздухопловството кај Лука започнува уште од најрана возраст, а токму спортот ја одредил и неговата професионална насока. Денес тој се школува во Белград, на Воздухопловната школа, каде што се подготвува за професија авиотехничар и механичар.
Успехот на Најдоски е гордост не само за Прилеп, туку и за цела Македонија, која добива уште еден млад и перспективен амбасадор на меѓународната сцена.
Воедно, прилепскиот клуб „Фил Феникс“ продолжува да биде двигател на воздухопловното спортско моделарство во земјава. Ова лето, клубот ќе биде организатор на два врвни меѓународни настани – Светското јуниорско и Европското сениорско првенство. Натпреварите ќе се одржат во периодот од 26 јули до 2 август, на терените кај Веселчани, при што Прилеп ќе биде домаќин на учесници од 45 држави, вклучително и од светските сили како Кина и САД, со повеќе од 500 присутни.
























