Прилепското дерби во Скопје му припадна на Младост 96, триумф и над Работнички

Викендов во СЦ “Јане Сандански” во Скопје продолжи Супер и Првата лига на Македонија во пингпонг. Се одиграа 2 и 3 коло, во кое екипата на Младост96 оствари нови две победи, и од самиот старт не го пропушта врвот на табелата во Супер лигата.

Во второто коло Младост96 убедливо со 4-0 ја победи екипата на Работнички од Скопје. Составот во кој настапи Младост96 беше: Петар Костовски, Александар Рикалоски и Андреј Лашкоски. Како резерва влезе А.Стомнароски и сите извојуваа по една победа.

Во третото коло се одигра градското дерби со екипата на Младост. Тоа беше реприза на ланското финале и со идентичен резултат 4-1 подобар беше актуелниот шампион Младост96.

Повторно Костовски со две победи, Рикалоски и Лашкоски беа во стартната постава и извојуваа по една победа без пораз, а Стомнароски како резерва играше со Даниел Главевски, но не успеа да го совлада младиот битолчанец, кој игра за екипата на Младост.

Стефан Костадиновиќ, српскиот репрезентативец во редовите на Младост96, овој викенд не беше во составот на тимот, а истиот ќе се приклучи на екипата за наредните два натпревари.

Во следното 4 и 5 коло, кое ќе се одигра на 14. ноември, Младост96 ќе игра со екипите на Радовиш и Телеком Нец 2, екипи кои имаат солидни странски играчи.

Женската екипа на Младост 96 викендов го одложи натпреварот со екипата на Берово, поради изолација на неколку играчи од прилепската екипа.

Во викендот на 13. ноември екипата ќе го одигра заостанатиот натпревар со Берово и новиот натпревар со екипата на Шампиони ФА.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.