Прилепските ротаријанци за 18. роденден ги витаминизираа дечињата во градинките (Фото галерија)

На симболичен и општествено одговорен начин, РОТАРИ КЛУБОТ од Прилеп го одбележа своето полнолетство – 18 години постоење, со донација за најмладите во Прилеп.

По повод 18-ти март, беа донирани 18 екстрактори за храна (за овошје и зеленчук), како и 180 килограми свежо овошје и зеленчук, наменети за детските градинки во градот. Целта на оваа иницијатива е да се поттикнат здрави навики во исхраната кај децата уште од најрана возраст.

Иницијативата произлегува од загрижувачките податоци на Институтот за јавно здравје и Европската иницијатива за следење на дебелината кај децата (COSI). Според нивните анализи, само 25 проценти од децата во земјава секојдневно консумираат свежо овошје, што е најниско ниво во Европа. Дополнително, само 20 проценти од децата јадат свеж зеленчук секој ден, што исто така е меѓу најниските показатели на европско ниво.

Статистиката покажува и дека 31 процент од децата во Македонија имаат зголемена телесна тежина, додека 13,7 проценти живеат со дебелина, бројки кои го надминуваат европскиот просек.

Организаторите посочуваат дека ваквите активности се дел од пошироката мисија за создавање здрави генерации и развивање здрави животни навики кај најмладите.

Воедно, упатена е благодарност до менаџментот на ЈОУГД „Наша иднина“ – Прилеп, особено до директорката Билјана Тодеска, за одличната организација и приемот. Благодарност беше упатена и до општествено одговорната компанија „Футура“ од Прилеп, која ги донираше 180-те килограми овошје и зеленчук за децата.

Од клубот се заблагодарија и на медиумите за присуството и известувањето од настанот, со цел подигнување на јавната свест за значењето на здравата исхрана кај децата.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.