Прилепските пожapникapи 4 месеци чекaaт бонyc плата за 2020год. – се yште нема ниту К-15 (Видео)

Прилепските пожарникари веќе четири месеци се оставени на стенд-бај од страна на локалната власт околу исплатата на бонус платата за 2020 година, а која законски им следува и која требало да биде исплатена најдоцна до март, годинава. За разлика од нивните колеги од другите општини во земјава, на кои им било исплатено дури и К-15, прилепските пожарникари се жалат дека тие не можат да обезбедат ниту прием кај надлежните општински служби, со цел, барем да се информираат за тоа на што се должи овој застој – објави “АЛФА ТВ”

„До трети месец заклучно требаше да биде сето завршено и подмирено. Од страна на Синдикатот, независниот, значи четири барања се поднесени до општина Прилеп, на кои немаме никаков одговор. Топката се префрла од службите, од една служба во друга, од вработените на општината….Сега не сме трети месец, сега смеседми месец, еве веќе и осми месец ќе влеземе. Цела македонија зедоа К-15, а ние не можеме да си ги земеме парите за 2020 година“, – ни изјави за Алфа, претседателот на локалниот Независен синдикат, Зоран Граороски.

Заради овој игнорантски однос на надлежните, а во сезона на зголемен број на пожари, Граороски вели дека моралот на Единицата бил целосно паднат, што според него, тоа може да има далекусежни, негативни последици по општината.

„Вчера имавме пожари од поголем обем. Вчера имавме 200хектари само полски пожар, имавме вчера 5.000 балиња запалени во Големо Коњари, плевна. Се работеше од 11 на пладне, па се до 12 часот ноќта…Температурите се многу високи и сега како ќе иде, ќе биде се потешко“, – стравува Граороски.

Градоначалникот Илија Јованоски пак, вели дека немало никаков проблем со ТППЕ и ветува дека до петок ќе им биле исплатени парите на пожарникарите. Негова претпоставка е дека доцнењето со исплатата од дури четири месеци, било од технички причини?!

„Нема проблем никаков и до петок, јас им кажав, некни беа кај мене претставници од Синдикатот, дека до петок ќе им бидат исплатени. Има и средства, има и одлука, технички само требаше решенијата да се изготват еден ден и ќе биде исплатено тоа….“, – ни рече градоначалникот Илија Јованоски.

Од ТППЕ пак велат дека доколку градоначалникот и овој пат не си достоел на зборот, тие ќе пристапат кон мирен протест, бидејќи, како што објаснуваат, овој бил само еден од низата проблеми со кои секојдневно се соочувале при работата.

Инаку, прилепската Противпожарна единица брои 35 пожарникари, а потребни се најмалку 50. Исто така, проблем е и нивната просечна старост која е над 40 години, велат од Синдикатот.

Каролина Дурло




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.