ПРИЛЕПСКИТЕ – МАКЕДОНСКИ СОНЦА КОИ ГО КРАСАТ ГРАДОТ НА СЕКОЈ АГОЛ

Во деветнаесеттиот век, за време на преродбенскиот период, како израз на македонска национална свест, се појавила практика на поставување врати од ковано железо на трговските дуќани – магази на кои биле изработувани апликации на македонскиот симбол – сонце со розета, со шеснаесет или со дванаесет краци, како израз на македонската национална свест – пишува порталот “ПЕЛАГОН.МК”.

Со будењето на македонската национална свест за време на преродбата и појавата на големите македонски преродбеници и револуционери од средината на деветнаесетиот век, меѓу другото, се појавило и негување на постарата македонска историја, особено онаа поврзана за имињата на најславните антички кралеви на Македонија, Филип Втори (359 – 336 г.п.н.е.) и неговиот син Александар Трети – Македонски (336 – 323 г.п.н.е.).

Токму поради тоа во Прилеп се појавила и практиката за изработка и истакнување на јавни места на македонскиот симбол, кој особено е познат како сонцето од Кутлеш, според неговиот приказ на ковчежето најдено во големата кралска гробница, која беше претставена како гробница на кралот Филип Втори.

Ваквиот симбол, според она што можеме да го забележиме денес, особено се поставувал на цврстите врати од ковано железо поставувани на трговските дуќани, и тоа, по еден симбол на секое крило од двокрилните врати.

Симболот можел да биде со 16 или со 12 краци и се изработувал на тој начин што се правеле по две ѕвезди – со по 8 или со по 6 краци, а потоа се ставале една врз друга и на тој начин се добивала ѕвезда со 16 или со 12 краци.

Во центарот на спојувањето на двата еднакви дела се правеле уште по две, па и три розети и се поставувале на симболот. На тој начин, оваа претстава на македонското сонце се доближувала до автентичниот антички македонски симбол. Ѕвездите и розетите биле спојувани со долга нитна во самиот центар, а целата апликација била поставувана во кружен прстен.

Вратите со апликацијата на шеснаесеткракото или дванаесеткракото сонце, обично, се поставувале на влезовите на трговските дуќани во кои се складирала стоката, кои се наоѓале на приземниот дел на поголеми камени згради или на железни порти за влез во поголеми дворови од анови или семејни куќи.

Во Прилеп забележавме четири градби со железни врати со апликација на споменатиот симбол.1 Следејќи ја техниката на изработка, се чини како сите да биле изработени од еден мајстор или една работилница. Освен техниката, на тоа упатува и естетиката на апликациите, како и нивните слични димензии.

Прва апликација:

Првата апликација ја сретнавме на портата од семејната куќа на Тодорчевци, на улицата „Андон Слабејко“, во познатото Долно Маало во Прилеп.

Се работи за порта од ковано железо, составена од две крила. Полето на секое од крилата било поделено со железна лента, по вертикала, на две еднакви половини, а потоа на пет полиња по хоризонтала, со слични железни ленти.

Апликацијата на македонскиот симбол – сонце или ѕвезда со дванаесет краци, била поставена во второто поле на крилата, тргнувајќи од горниот дел, а во внатрешното поле од вертикалната поделба.

Според кажувањето на најстариот член на ова семејство, Александар Тодорчески, нивната куќа потекнувала од 1850 година. Семејството потекнувало од Варош, а во оваа куќа прв се доселил неговиот предок Аце Тодорче, син на Василе Тодорче.

Пред тоа, семејството на Аце Тодорче живеело во населбата Бончејца, во стара и дотрајана куќа и поради тоа Аце купил нова куќа во Долно Маало, оваа во која семејстовото живее и денес.

Аце Тодорче поседувал сопствена „дилижанса“ (кочија, пајтон, з.м.) со која одел во Солун бидејќи бил бакал (трговец) и оттаму носел стока за дуќанот во Прилеп.

Aвтор: Тренчо Димитриоски

ЦЕЛИОТ ТЕКСТ ПРОЧИТАЈТЕ ГО ТУКА




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.