Театарот „Војдан Чернодрински„ со претставата „Клетници“ по Виктор Иго, во режија на Мартин Кочовски, утревечер (сабота 8 септември во 20.00 часот) го отвора 26 –то издание на Фестивалот на камерен театар во Струмица, на кој педесетина актери од десет претстави од Македонија и странство ќе се натпреваруваат за единствената награда за високо актерско остварување.
„Клетници“ е претстава за правдата и човештвото.
Податоци
Автор : Виктор Иго
Режија : Мартин Кочовски
Автор на драмскиот текст – Горјан Милошевски
Драматург – Владимир Ѓорѓијоски
Идеи за приказната – Мартин Кочовски, Владимир Ѓорѓијоски, Горјан Милошевски
Костими, сценографија и диајн на светло – Јулијана Војкова Најман
Музика – Фолтин (Славчо Јовев, Бранислав Николов, Пеце Трајковски, Гоце Јованоски)
Играат :
Аница Бебиќ, Илија Волчески, Надица Дојкоска, Владимир Ѓорѓијоски, Димитар Ѓорѓиевски, Марија Сприкоска Илијеска, Исидор Јованоски, Андон Јованоски, Катерина Чакмакоска Клинчска, Ангела Наумоска, Михајло Миленкоски, Ирена Мирческа, Димитрина Мицкоска, Александар Степанулески, Сара Спиркоска, Здравко Стојмиров, Милан Секулоски, Игор Трпчески, Александар Тодески, Најдо Тодески, Марјан Чакмакоски, Виолета Чакарова, Цветанка Чавлеска, Димитар Црцороски, Евгенија Јакимоска
Дизајн на плакат : Филип Јованоски
Текст од Авторот на драмскиот текст и асистент драматург
Горјан Милошевски
КЛЕТНИЦИ (PRESS RELEASE)
Ова е најверојатно првото сценско поставување на романот „Клетници“ од Виктор Иго. Немаме информации дека претходно била драматизирана во некој македонски театар. Илузорно е во овој контекст да се раскажува дури и на кратко приказната на претставата како и делото од 1900 страници. Драматургот и актерот кој го игра еден од главните ликови, Жан Валжан – Владимир Ѓорѓијоски, најде мисла на интернет:„Еден човек украде малку леб. Франција западна во хаос.“ Тешко е накратко да се опише вакво комплексно дело, но цитатот е многу вистинит за „Клетници“ и за нашата приказна според ова дело. На оваа линија се надоврзуваат и многу други во драмскиот текст за претставата и во самата претстава.
Не’ бегаме од темата дека сите сме клетници и секој ден стоиме пред еден универзум од наши, нечии трагедии, конфликти, проблеми, фатални опасности. И покрај тоа ние ја туркаме нашата шанса, ние знаеме да покажеме заби. Ние го бараме нашето место во овој луд свет како и местото на нашите најсакани, најблиски, пријателите итн. Никој не е морално чист, целосно чесен и добар или пак апсолутно злобен и нечовечен. Затоа во оваа приказна што прилепскиот театар ќе ја изведе на својата сцена, овие послени факти се нагласени. Тие јасно се издвојуваат преку ликовите Валжан, Жавер, Фантин, Курферак, Анжолра итн. Така публиката ќе ги види нивните лоши и хумани страни, нивната омраза, но и милост. Исто така, „Клетници“ ќе биде претстава што отворено зборува за револуцијата. Иако е широко прифатено дека таа носи промени, револуцијата каква што ја замислуваме досега, во целиот свет носи многу регрес, деструкција и жртви. Па така текстот преку претставата ќе зборува и за револуционери кои се на поинаков начин раздвоени во ставовите. Ќе видиме кај нив мирољубиви, похумани или радикално насилни ставови.
Воопшто не станува збор за класична драматизација на делото. Испишан е текст и развиена е приказна кои ќе прикажат ново гледање на „Клетници“. Драматуршки се интервенираше во секој лик и ситуација во која влегува, се менуваа односи меѓу главните ликови како и споредните, се допишуваа нови сцени, дијалози, реплики и ставови на ликовите.
Изградени се сосема различни и развиени, свет и приказна за револуционерите. Јунскиот историски бунт на народот во Париз добива значење на светска и безвременска револуција. Се додаваа нови значења на многу сегменти од оригиналната нарација и свежи линии. Монтажата и структурата на случките е променета и повторно обмислена. Жан Валжан е хуман империјалист чија фабрика издвојува чисто сребро кое се складира во фонд што потоа го користат револуционерите, Жавер покажува човечка добрина и слабости кои досега не биле чепнати при обработка на овој роман итн.
Има многу промени кои всушност влегуваат меѓу редовите на Иго и продираат длабоко во оние преќутени, неизречени, недокажани, прошепотени сцени од романот. За нив самиот Иго знае да каже дека не треба никој да знае или никој не чу, не разбра што се случило или што било кажано. Меѓутоа овој драмски текст и оваа претстава имаат своја визија, став и читање на приказната и директно зборуваат за нив.
Колку што „Клетници“, на театарот „Војдан Чернодрински“, ќе биде претстава за човечките турбулентни, стрмоглави приказни издигнати на сеопшто животно рамниште толку и ќе биде перископ со општествено-политички фокус и ангажман. Ниту текстот ниту претставата нема да го променат светот, но ќе разбудат нови ѕвезди во менталната слика кај луѓето.
А тие ќе осветлат скриени, заборавени, неоткриени парчиња и сфаќања за многу суштински нешта. Ќе побудат свежи ставови и експлозија од емоции кои нема да остават никого рамнодушен. Секојдневно во овој дух и со овие идеи со голема и целосна поддршка на раководството на театарот работеа: актерите на прилепскиот театар, актерите гости од други градови, режисерот Мартин Кочовски, сценографката и костимографка, Јулијана Војкова Најман, групата Фолтин, драматургот и актер, Владимир Ѓорѓијоски, драматургот асистент и автор на текстот, Горјан Милошевски.