На 17 и 18 ноември се одржа 24-от “Balkan Hair & Beauty Festival” во Солун. Оваа година, за прв пат настапивме како земја членка на CMC CAT (Светската фризерска конфедерација), благодарение на “Теsa beauty academy” под раководство на Г-ѓа Сафија Селими, која е и претседател на оваа Светска конфедерација за Република Македонија.
“Настапивме како “Тим Македонија” и како “Балкан Микс Тим”, во кој имаше претставници од земји учеснички на фестивалот”, вели Крешимир Здравески од студио академија “Крешо” од Прилеп.
Покрај Македонија и домаќинот Грција, учество на натпреварот зедоа и: Србија, Црна Гора, БиХ, Косово, Албанија, Турција, Кипар, Бугарија, како и гости од Италија и многу силни имиња од европската фризерска сцена.
Во македонскиот тим покрај мајсторот од Прилеп, Крешимир Здравески, беа и: Ајтен Алијевска, Сречко Георгиевски, Лаки Андов, Весна Стефкова, Бубе Ин и Лејла Аци Сезер.
“Се претставивме во одлично светло и добивме пофалби од сите страни, но и покани од многу земји за наше гостување, заеднички проекти и нови соработки, како и за настапи на меѓународни фестивали, саеми и натпреварувања. Покрај признанијата и наградите кои ги добивме од организаторот, на наше пријатно изненадување добивме и признание за големи достигнувања во фризерството од CMC CAT-Турција. Во нашиот тим учество зедоа и модели, шминкери и модни креатори, па се’ она што го прикажавме беше на едно високо светско ниво и беше забележано од високите фризерски имиња, фирми и институции. Во блиска иднина, овој македонски тим ќе учествува на еден голем фризерски настан, кој засега не го откриваме поради професионализам”, истакна Здравески.