Прилепските пијанисти Исидора Ангелеска и Арсениј Ангелески успешно ја претставија Македонија со концерти во Рим и Гротамаре, Италија.
Првиот концерт се одржа во Рим на 23 септември во салата „Балдини“, во непосредна близина на античкиот театар „Марчело“. Концертот беше во склоп на фестивалот „Concerti del Tempietto“, кој оваа година се одржа од 26 јули до 28 септември. Исидора настапи со три пиеси од циклусот „Години на патување – Швајцарија“ од композиторот Франц Лист. Арсениј, пак, настапи со внимателно селектирани прелудиуми од втората книга на композиторот Клод Дебиси, како и од опус 23 на рускиот композитор Рахмањинов. Исидора, исто така, изведе етида од современиот композитор Филип Глас и минијатура „Cozy“ од младата македонска композиторка Сара Сиљановска, студентка на катедрата по композиција на ФМУ – Скопје.
Вториот концерт се одржа на 25 септември во Гротамаре, во црквата во чест на Свети Јован Крстител, во организација на ALMA – Academy Liszt Music Art. Карактеристично за ова место е што токму во овој град композиторт Лист поминал неколку недели од неговото патување низ Италија.
Исидора Ангелеска е апсолвент на катедрата по пијано на ФМУ – Скопје, во класата на проф. д-р Марија Ѓошевска, додека Арсениј Ангелески е студент на Државниот универзитет Zurich University of the Arts (ZHdK) во Цирих, Швајцарија, во класата на проф. Карл Андреас – Коли.