Возењето велосипед е многу тренди во последно време. Ем се рекреираме, не ја загадуваме околината, можеме да уживаме во природата, а богами и да се извозиме до некое малку посвежо место, да се изладиме од горештиниве. Значи супер! Арно ама, не е целта само да се повозиме до некаде, туку и да го искористите тоа место за дружење, забава и релаксација.
А има ли подобар начин да го изведете сето тоа, од организирање на пикник? Секако дека нема. За тоа во среда на 27-ми јули земи го својот точак, опреми го со намирници за пикник и одиме!
Во минатото не секој имал можност да има автомобил и со него да оди на пикник, но за тоа скоро секој поседувал точак кој го користел за таа намена.
Вака инцијативата #ПрилепНаТочак ја опишува својата 26-та Критична маса, или 26-то велосипедско дружење. Придружете се!
Критична маса е неформален велосипедски собир кој се случува во над 300 градови во светот.
Нема лидери, нема формална организација, само група на свесни луѓе кои сакаат подобар вело-град.
Од јуни 2014-та се случува еднаш месечно и во Прилеп!
Возиме секоја последна среда во месецот по различна рута и со различна тема.
Критична маса во Прилеп е самоодржлив, саморегулиран и самофинансиран месечен собир на урбаните велосипедисти кој зависи од придонесот на секој учесник, пред сѐ од неговото појавување на собирот и покажување бројност, од активната грижа настанот да помине во најдобар ред, а потоа и од донациите за промотивните материјали, волонтерскиот придонес во осмислувањето на настанот, неговата промоција и се разбира во креативната страна на возењата. До сега, прилепчани возеа на различни теми поврзани со урбаниот велосипедизам.
Да излезиме повторно на улиците со нашите велосипеди, активно, ангажирано, свесно, заедно, со полни срца!
Приклучи се! Ангажирај се! Може да нé има повеќе! Прилеп може да стане подобар град!