Со чесна работа, труд, стручност, пожртвуваност и неизмерна љубов покажавме и докажавме дека можеме, дека од толку мало место може да излезе нешто големо, и покрај сите пречки и напори да се застане на патот на ФК Големо Коњари од одредени клубови и поединци, НИЕ УСПЕАВМЕ – напишаа од ФК Големо Коњари на социјалните мрежи, а оваа информација доаѓа по веста дека новиот второлигаш БЕСА, наводно се откажале од учество во Втората лига.
Во текот на денешниот ден се очекува институционална потврда на оваа информација од страна на ФФМ, но по се излегува дека одиграните бараж натпревари викендов беа непотребни. Преку овие натпревари три екипи обезбедија пласман во Втората лига, а за поразените три екипи требаше да има ждрепка, па две од нив исто така да се пласираат во повисок ранг на натпреварување.
Како и да е, ФК Големо Коњари заслужи пласман во Втората лига, особено ако се земе во предвид дека имаа можеби најтежок противник во бараж дуелот против Тетекс, екипа која го освои Купот на Македонија, а своевремено играше и во Првата лига на Југославија.