(Фејсбук статус на Протоереј Љупче Петрески)
“УБИЈЦИ НА JAZZ-от
Овој викенд, последниот во август, во Прилеп ТРЕБАШЕ да се одржи 8-от по ред PRILEP JAZZ WEEKEND. За жал, после 7 години успешно живеење, џез фестивалот во Прилеп е УБИЕН!
На големо задоволство на прилепските љубители, на летната сцена од Домот на кулутурата „Марко Цепенков“, во текот на седумте години постоење на фестивалот, од Европа и регионот продефилираа познати имиња од можеби најслободната форма на музичко изразување и воопшто на урбаното живеење – џезот.
PRILEP JAZZ WEEKEND прерасна во препознатлив македонски бренд, веднаш после скопскиот, и со него Прилеп се вброи во листата на урбани градови во кои се негуваат вистински вредности и културни-музички содржини.
Првиот сериозен удар на PRILEP JAZZ WEEKEND му го зададе Министерството за култура, кое ниту минатата ниту оваа година не додели средства за негово одржување а вториот, и смртоносен, претпоставувам, му го нанесе Локалната самоуправа, во чија организација е фестивалот, која, очигледно, не сака да негува вакви настани и вредности туку сосема поинакви, како на пример турбо-фолк „вредности“ и „певаљки“ од типот на Цеца.
Што да рече човек а да не згреши! Еве не знам. Можеби, едноставно, тоа е посилно од нив и повеќе го сакаат турбо-фолкот од џезот. Можеби нивното музичко образование и култура не стигнале до тој степен. Можеби сите пари ги потрошија на Цеца. Или, можеби, како што некој рече, се работи за некаков инает и политички реваншизам па се’ што направила претходната власт, сакаат да уништат. Кој ли ќе знае?
Барем некој од Локалната самоуправа да се одважеше и да и објаснеше на прилепската публика зошто оваа година нема џез во Прилеп!”