ПРИЛЕП ИМА ШАМПИОНСКИ ТИМ ВО ОДБОЈКА: Гимназијалките со 100% ефект до шампионскиот трофеј

Спортски Прилеп после долго време доби свои ОДБОЈКАРСКИ шампиони!

Во вторникот, на 24.04.2018 во спортската сала на СОУ „Димитар Влахов“ во Струмица, се одигра Финалниот натпревар од Државната средношколска лига.

Финалето го играа ученичките од екипата на гимназијата „Мирче Ацев“ против екипата на средното училиште „Раде Јовчевски-Корчагин“ од Скопје. Натпреварот заврши со 2:0 во корист на екипата од СОУ Гимназија „Мирче Ацев“ – Прилеп.

Ученичките од СОУ Гимназија „Мирче Ацев“, предводени од абициозниот и енергичен тренер и професор по спорт Орде Цветаноски застанаа на врвот на средношколската лига на Македонија, со импресивен резултат.

Гимназијалките ја завршија сезоната со 100% успех односно без пораз!

На одбојкарската арена паднаа противници кои доаѓаа од традиционално силни одбојкарски школи, паднаа струмичанките од „Јане Сандански“, скопјанките од „Раде Јовчески-Корчагин“ и „Никола Карев“, кумановките од „Гоце Делчев“…

Сѐ на сѐ огромен успех на младите надежи од Прилеп кои покажаа дека и со скромни услови, но со голема посветеност и љубов може да се застане највисоко на пиедесталот.

Сите одбојкарки на чело со професорот ги заслужуваат сите честитки со надеж и обврска да продолжат со напорната работа за повторно да се радуваме и да се надеваме дека одбојката ќе го заземи своето заслужено место во екипните спортови во Прилеп.

 




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.