Aлександар Здравков е млад музичар (гитарист и пејач) кој е на почетокот на својата музичка кариера. За неговата маестрална музичка поткованост говрат сите, бидејќи не постои настан , a да го нема Александар тука со својата гитара. Пред 3 месеци формираше заеднички бенд со неколку пријатели, кој допрва ќе ги полни прилепските локали и ќе забавува стотици гости. Големата инспирираност и љубов кон музиката беше пресудна да го поканиме на еден разговор и да дознаеме повеќе за него.
– Каде се твоите музички почетоци, кога започна твојот интерес за музиката и кој е твојот најголем мотиватор, кој ти помага и те охрабрува да пловиш напред?
– Јас ја сакам музиката уште од мал, и имав голем интерес за неа, се сеќавам дека во основно училиште наставничката ме ангажираше за пеење кога имавме час по музичко и тоа доста често. Едноставно музиката ме исполнува. Мои најголеми мотиватори се моето семејство секако, кои секогаш ме охрабруваат и ми даваат поддршка за било што во животот, па така и за музиката. Исто така и моите пријатели и роднини.
– Ти настапуваш и самостојно и во бенд. Кажи ни повеќе за тоа ако започнавте да функционирате како бенд, како настана спојот и колку време функционирате заедно?
– Првенствено сите во бендот сме пријатели меѓу себе и се чувствуваме како да сме дел од фамилија. Баш поради тоа и мислам дека функционираме, можам да кажам , добро и се надевам дека така ќе продолжиме. Заедно функционираме веќе 3 месеци. Спојот настана можам да кажам спонтано. Сите се знаевме меѓу себе и решивме да пробаме да оформиме бенд и да видиме како ќе функционира.
-Каква музика може да се слушни на вашите настапи?
-Главно се занимаваме со рок музика. Од Guns n Roses, Bon Jovi, AC/DC, Deep Purple итн. Исто така свириме и EX YU- ROCK музика од сите познати бендови, како на пример Riblja Corba, Parni Valjak, Prljavo Kazaliste, Bijelo Dugme, Crvena Jabuka..
-На кои места настапувате? Дали до сега сте настапиле надвор од Прилеп?
Надвор од Прилеп досега немаме настапувано, но се надеваме и на таков подвиг секако. Имаме настапувано во Art caffe, Take Five, Image, Virus..
-Дали до сега имате сработено некој самостоен проект? Кои се вашите идни планови ?
Мислам дека сон на секој музичар е да прави своја музика. Досега за жал, немаме сработено некој самостоен проект, но секако дека тоа ни е една од главните амбиции и работиме кон остварување на тоа.
– Дали е тешко да се напредува на музичката сцена? Дали во Прилеп има доволно млади музичари?
Дали е тешко да се напредува на музичката сцена не би можел да кажам со сигурност, затоа што и јас самиот не сум долго на музичката сцена ако би можел така да кажам, но сепак напредокот во музиката или во било која друга професија зависи од тоа колку индивидуалецот е спремен да работи на себе и на својот талент. Ако поседувате талент и ако сте спремни да работите на тој талент, мислам дека можете да напредувате и тоа доста добро. И секако, ако тоа што го работите го работите со љубов, бидејќи тоа ве мотивира уште повеќе да напредувате и да се надоградувате. А во Прилеп со сигурност тврдам дека има доста квалитетни млади музичари.
-Дали прилепската публика повеќе сака Rock n Roll или Турбо фолк?
-Зависи од тоа каде свирите и за какви гости свирите. Некои повеќе сакаат рокенрол , некои турбо фолк. Мислам дека публиката подеднакво сака и турбофолк и рокенрол. Сето зависи од тоа за КОГО сивире и КАДЕ свирите.
-Кои се твоите музички идоли од кои црпиш инспирација за твоите настапи?
– Bon Jovi, Freddie Mercury, секако нашиот незаменлив Тоше Проески, и мојот омилен пеач, Elvis Presley.
– Порака до читателите на Марукуле.мк
Слушајте го оној вид на музика кој што ви се допаѓа и уживајте во музиката бидејќи таа е лек за душата. Без разлика за каква музика се работи.