Прилеп е град кој не остава никого сам! Хуманитарна забава за Стефанија! Да подариме надеж и насмевка која ќе трае цел живот!

15-годишната Стефанија Попоска од Прилеп се бори да зачекори во животот. Родена со тешка дијагноза, Стефанија од првиот нејзин здив не знае што значи лесно движење. Нозете и половината и се слаби, секој чекор и е мака. Досега има поминато низ неколку операции, но нејзината здравствена состојба се’ уште не е на посакуваното ниво.

Надеж гледа во специјализираната болница “Нуромедик” во Ниш, каде преку третмани и’ ветуваат значително подобрување во движењето. Семејството Попоски живее скромен живот, нејзиниот татко е инвалид, па финансиски се немоќни да ги поднесат сите трошоци.

-Со треперливо срце и со многу болка, ви се обраќаме – како родители, како луѓе, како мајка и татко кои секој ден ја гледаат својата ќерка како се мачи да зачекори.Ве молиме, помогнете ни. Помогнете и на Стефанија.Секоја донација е глас на надеж. Секоја споделена приказна е чекор поблиску до нејзиното подобро утре – стои во апелот за помош на социјалните мрежи и на хуманитарната организација “Павел Андреев”.

За Стефанија можете да донирате на следниот ЛИНК

Прилеп важи за град кој не остава никого сам, па за малата Стефанија се организираат повеќе хуманитарни забави, а донаторски кутии се поставени во повеќе локали низ целиот град.

Утре, 27.07. со почеток од 20:30 часот, во “КАФЕТЕРИЈА” во центарот на Прилеп, се организира и хуманитарна забава. Ќе настапи локалниот бенд LOCK DOWN. Влезот чини 100 денари, а сите собрани средства ќе бидат донирани за лекување на Стефанија.

Да го исполниме локалот до последно место и да дадеме свој придонес за Стефанија, да ја вратиме надежта во очите на нејзиното семејство, да помогнеме оваа млада девојка да почне безгрижно да чекори во животот и да почне да ги остварува своите соништа.

27.07 (недела), 20:30часот, дојдете во “КАФЕТЕРИЈА”!

Заедно можеме да создадеме светло на крајот од тунелот и да ѝ подариме надеж и насмевка која ќе трае цел живот.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.