Прилеп домаќин на Поштенски маратон 2016

На 9-ти октомври Градот Прилеп втора година по ред ќе биде домаќин на меѓународниот Поштенскиот маратон, кој е под покровителство на „Македонска пошта АД“ и Општина Прилеп.

postenskimaraton

Како што информираат организаторите денеска на прес-конференција годинешните трки ќе бидат организирани во четири различни категории: од пет километри, 21 км. полумаратон, 42 км. маратон и детска трка од еден километар

– Поштенскиот маратон претставува вклучување на „Македонска пошта“ во меѓународното одбележување на Поштенскиот ден „9 Октомври“. Со него сакаме да ја подигнеме јавната свест за здравиот начин на живот како и за популаризирање на маратонското трчање и поштенската дејност кај нас, велат организаторите.

Пријавувањето на сите заинтересирани тркачи ќе се врши на веб страната на маратонот www.postalmarathon.com од денеска до 20 септември, а стартнината изнесува 300 денари за натпреварувачи во полумаратонска и 600 денари за натпреварувачи во маратонска трка. И оваа година за најуспешните маратонци, организаторот обезбеди вредни награди чијшто фонд изнесува 5.200 евра. Најдобрите во маратон во машка и женска категорија ќе добијат по 800 евра додека во полумаратон наградата ќе изнесува по 500 евра.

Организаторите информираат дека годинешната целокупна стартнина уплатена од страна на учесниците да биде донирана на фондот за помош на поплавените подрачја во Македонија, со што „Македонска пошта“ и целокупната заедница на тркачи на долги стази се вклучува во хуманитарните активности насочени кон ублажување на последиците од катастрофалната поплава која зафати неколку подрачја во Македонија.

Македонскиот маратонец Александар Кираџиевски истакна дека првиот Поштенскиот маратон е предизвик за маратонците бидејќи, како што рече, патеката е брановидна и е многу интересна. Тој ги повика сите заинтересирани за таков предизвик да се пријават и да учествуваат на трката во Прилеп.

Еден месец пред одржувањето на маратонот официјални претставници на најголемата асоцијација за маратони во светот, „Асоцијацијата на интернационални маратони и трки на далечина“ ќе ја сертифицираат патеката на Поштенскиот маратон, по што тој ќе биде и нејзин официјален член. Со ова Поштенскиот маратон ќе биде поставен на листата на светски познатите маратони и ќе привлече маратонци од целиот свет.

 




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.