Вчеравечер е уапсено едно лице кое попладнето од црквата Свети Наум Охридски Чудотворец лоцирана на Попова Шапка прво го симнал знамето на МПЦ – Охридска Архиепискоција а потоа поставил знаме на Албанија.
-Полициски службеници на СВР Тетово вчеравечер (28.11.2023) околу 23.30 часот, по преземени оперативни мерки, го идентификувале и го лишиле од слобода 33-годишниот Ј.А. од тетовска Мала Речица. Тој се сомничи дека два часа претходно од јарболот на манастирот „Свети Наум Чудотворец“ на Попова Шапка, додека немало никој во верскиот објект, го симнал црковното знаме на МПЦ-Охридска архиепископија и на негово место го поставил знамето на Република Албанија. По документирање на случајот против Ј.А., кој при симнувањето на црковното знаме бил со уште едно лице по кое се трага, ќе следува соодветен поднесок, информира МВР.
Настанот претходно, околу 18.00 часот во СВР Тетово го пријавил свештеник од црквата на Попова Шапка.