Приберете се дома! Од вечерва нема повеќе опомени, следуваат директно казни

“Мој впечаток и впечатокот на колегите коj утрово го споделивме на координативното тело во рамки на Министерството за внатрешни работи е дека одлуката на Владата, односно ограничувањето на движењето во текот на изминатата вечер се спроведуваше без посериозни отстапки“.

Ова меѓу другото го изјави министерот за внатрешни работи Наќе Чулев на почетокот од денешната прес конференција во МВР на која што ги презентираше сите релевантни информации за јавноста а во врска со спроведувањето на мерките и одлуките на Владата на РСМ во врска со состојбата предизвикана од епидемијата со корона вирусот – “Ковид 19“.

Изразувајќи задоволство но и благодарност за дисциплинираноста на граѓаните по воведеното ограничување на движењето, како и на полициските службеници кои покрај неповолните временски околности беа на висина на задачата, министерот Чулев потенцираше дека вчера во периодот од 21 часот до утрово во 06 часот до кога беше на сила т.н. полициски час, на територијата на цела држава од страна на полициските службеници од слобода биле лишени 18 лица.

“Пет лица на подрачјето на Тетово и две на подрачјето на Гостивар кои и покрај опомената од полициските службеници, агресивно се однесувале по што се лишени од слобода.

На територијата на Куманово пак две лица се лишени од слобода кај кои е пронајдено оружје. Во Радовиш лишени од слобода се две лица, едно лице во Штип, а шест во Кочани. Во Виница е констатиран еден случај на прекршување, но лицето се оддалечило и се преземаат мерки за расчистување на случајот“, нагласи министерот Чулев.

Исто така тој посочи дека на територијата на цела држава опоменати се 74 лица, кои веднаш постапиле по насоките од полициските службеници.

Од вечерва нема повеќе опомени, туку ќе следуваат казни за секој оној кој ќе го прекрши полицискиот час.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.