Претседателот на Собранието Вељаноски ги распиша изборите

Претседателот на Собранието на Република Македонија, Трајко Вељаноски ги распиша изборите.

trajko-veljanoski-izbori

Вељаноски денеска го потпиша Решението за распишување на предвремени избори што ќе се одржат на 5 јуни, соопшти собраниската прес-служба.

– Врз основа на моите уставни и законски надлежности, согласно Одлуката за  распуштање на Собранието на Република Македонија, денес го потпишав Решението за распишување предвремени избори за пратеници во Собранието на Република Македонија кои ќе се одржат на 5 јуни 2016 година. Решението за распишување на изборите го доставив до Државната изборна комисија на Република Македонија, како орган за спроведување на изборите, до Министерството за правда и Министерството за надворешни работи, вели Вељаноски во пишаната изјава.

Тој воедно изразува уверување дека изборите ќе се одржат во мирна и демократска атмосфера.

– Верувам дека сите субјекти вклучени во изборниот процес ќе придонесат изборите да поминат во мирна и демократска атмосфера и дека секој од нас на 5 јуни ќе го оствари своето право да гласа, односно да ја даде својата доверба на оние политички субјекти во кои верува дека ќе можат да остварат стабилна сегашност и подобра иднина, наведува претседателот на Собранието на Република Македонија Трајко Вељаноски.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.