Предмалку лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, по одлуката на претседателот Иванов за општ прекин на сите постапки против политичари и нивни соработници поврзани со прислушувањето и политичката криза, истакна дека партијата силно се оградува од одлуката.
Според него, одлуката помага на СДСМ и е спротивна на нивните заложби, бидејќи според ВМРО-ДПМНЕ тој кој направил криминал треба да одговара. Тој додава дека Заев и Верушевски треба да одговараат бидејќи за нивните дела има цврсти докази, а народот знае кому да му верува.
– Интересот на СДСМ е во земјата да има анархија, а наш интерес е земјата да оди напред и демократијата да функционира, одлуките на фер и демократски избори да ги носат граѓаните, вели Груесвки на пресот и додава дека додека стои на нозе нема да дозволи да има власт без избори.
-Тие и онака планираа да прават протести, секој ден со цел влошување на атмосферата и ескалација на состојбите, а со крајна цел избегнување на изборите. Заев не криеше дека нема да оди на избори, тоа беше негова стратегија. Сега само малку ќе ја изменат реториката искористувајќи ја одлуката на претседателот како главна причина за избегнувањето на изборите и ќе го прават она што го планираа- деструкција, говор на омраза, истурање гнев, насилства, хаос, криза, сеење лаги и манипулации од типот дека списоците не биле прочистени и дека нема услови за избори и слични лаги со кои сакаат да сокријат дека немаат поддршка од мнозинството граѓани кое се должи на нивната безидејност и деструкција, рече Груевски.