Прес конференција во ФК Победа-анализа на игрите и резултатите во есенскиот дел на првенството на Првата лига

15380757_1046120325499028_8617017351617052074_n

Со натпреварите од 18-тото коло вчера заврши есенскиот дел на првенството во Првата лига. Победа, како нов прволигаш, полусезоната ја завршува на 8-то место на табелата со 15 бодови. По завршувањето на полусезоната денес во клупските простории на Победа беше одржана прес конференција на која на новинарски прашања свои мислења за игрите и резултатите на клубот во првиот дел од шампионатот изнесоа Шефот на Стручниот штаб Зоран Штерјовски и капитенот Александар Крстески.

ЗОРАН ШТЕРЈОВСКИ:

“На оваа прес конференција би ги изнесол моите видувања на крајот на полусезоната. Моментно се наоѓаме на тоа трето место одоздола. Од моето доаѓање како прв тренер имаме одиграно 11 натпревари од кои 5 на домашен а 6 на гостински терен. На овие 11 натпревари имаме освоено само 10 бодови што според мене е малку. За тоа има причини кои мораме да ги наведеме. Една од главните причини според мене е скромниот играчки кадар и скромниот квалитет кој го поседуваме моментално. Згора на тоа нон-стоп играме на гостински терен. И кога ќе се земат во предвид тие некои причини мислам дека треба да бидеме и реални и сме на она место на кое заслужуваме да сме. Имавме и добри и лоши моменти. Но гледаме во оние натпревари со Вардар, Шкендија и Работнички бевме блиску до освојување на бодови. Но скромниот играчки кадар и оној потребен ростер и квалитет кој ни треба баш за такви натпревари ние го немаме. Малку фалеше да освоиме бодови, а головите ги примаме последните 20 минути.

15304380_1046120318832362_2597532965005094816_o

Тоа значи дека екипата и не е најдобро физички подготвена како што треба. Тоа не е некое алиби од моја страна , но е показател ние после 60-тта минута не можеме да се носиме бидејќи скромниот квалитет мораме да го надоместиме со трка залагање и борбеност, но за жал тоа недостигаше во тие завршни моменти и ги губевме бодовите. Со само 2 победени натпревари и 4 нерешени (2 дома 2 во гости), тоа е реално но премалку за она што го имаме како цел оваа сезона а тоа е опстанок во лигата. Залагањето и односот на фудбалерите беа добри. Почнуваме добро на натпреварите, влегуваме мотивирано. Но како што кажав на физички план во тие битни моменти на крајот ги немаме од нашиве фудбалери. Но толкави ни се и можностите. Од залагањето можеме да бидеме задоволни. Влијаат повеќе фактори. Еден од нив е слабата припремена на физички план екипата. Не сакам да коментира што се случило примените голови на крајот зборуваат за деконцентрација и скромниот квалитет на нашите играчи. Играчите го даваат максимумот и тое се моментните можности иако на дуелите со Вардар и Шкендија се носевме рамноправно. Квалитетот е тој и резултатите се тие од икс причини. Дојдов во период кога не можев да делувам на физичката подготовка, туку малку да подобрам. На средина на првенство ако дополнително се оптовареа можеше да дојде до повреди. Единствено можеше да се влијае на психолошки и тактички план. На неколку средби поведовме но не знаеме да го сочуваме водството и под притисок не се снаоѓаме како треба, што не треба да е така. Но и немаме клупа со измена да го одржиме водството и резултатот до крај. Ние секогаш кога правиме измени ни паѓа нивото и тоа е една од причините што не можеме да задржиме резултат до крај. Овие играчи не можат да се снајдат со притисокот, што се покажа на изминатите натпревари. Ние немаме таков профил на играч-лидер кој знае да ја понесе екипата, да ги распореди играчите и извлече максимум од тие играчи во теренот. Тие се неискусни. Од 24 само 3-4 се со прволигашко искуство, а останатите не играле Прва лига. Создаваме шанси, имавме водство на повеќе натпревари. Значи даваме но и многу лесно примаме голови. Тие се плод на наши индивидуални грешки, тактички незрели и тоа придонесува до катастрофални грешки. Многу се ризикува со посед на топка во прва зона и тука сами си создаваме притисок и примаме голови по наша тактичка и индивидуална вина без противникот да ни создаде шанса”.

15337437_1046120315499029_3923619762803601369_n

АЛЕКСАНДАР КРСТЕСКИ:

“Во име на фудбалерите можам да кажам дека на секој натпревар се даваше максимум и во соблекувалната има добра атмосфера. Услови од страна на Управата имавме феноменални од страна на исплата на плати и премии. Ќе се надоврзам дека цело време играме настрана. Менуваме терени-играме во Битола и Охрид. А знаете колку е поинаку кога се игра пред домашна публика. Доколку би играле во Прилеп би имале 6-7 бодови повеќе. Цело време имавме повредени играчи и да се ротира а имаше ситуации некои играчи да играат на позиции кои не му се природни и затоа одбраната не беше комплетна и не беше стабилна, иако одбраната почнува од нападот. Според она што е учинок не можеме да бидеме задоволни. Очекувавме и видовме дека можеме повеќе, затоа што неколку натпревари ги загубивме на крајот. Ќе напомеам и дека посебно во првиот дел на полусезоната доколку беа досудени некои пенали и офсајди сигурно би имале уште неколку бодови повеќе и би се бореле за Европа а не за опстанок. Но што е тука е. Останува да се одмориме добро, да направиме добри подготовки и со неколку засилувања мислам дека не станува збор опстанокот туку можеме да одиме и повеќе места погоре”.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.