Премногу музика во еден човек, интервју со Dj Панчо

Владимир Блажев AKA DJ Шорти или Панчо од дуото ДНК е можеби најхаризматичната личност на нашата музичка естрада. Тој е доказ дека со работа, добра воља и желба се постигнува се. Секогаш насмеан и позитивен, Панчо беше отворен за разговор со маркукуле.мк и ни открива навистина ексклузивни работи за него и неговата кариера. Малкумина се исполнети со ваков ведар дух, желба за работа и подготвеност за соработка, особено од познатите личности.
Здраво Панчо, добредојде на страниците на маркукуле.мк и чувствувај се како дома . Огромна благодарност од нашиот тим за прифатената покана да одговориш на нашите прашања и да им овозможиш на нашите читатели да дознаат повеќе за тебе и за она што го работиш.
За почеток она што не интересира е како започна и како се развиваше музичката кариера на Владимир Блажев, дали од секогаш си бил горе на сцената или си работел и нешто друго во животот?

Сосема спонтано и случајно. Јас никогаш не сум бил ѕвезда, ниту пак се осеќам така, ниту знам да се однесувам така. Горе е небото, тоа е недостижно, а сите ние сме достижни. Гледаш и самиот ме најде да ти дадам интервју така? Не сум ѕвезда во тој случај. Инаку да сум работел и друго, сум бил : рецепционер, келнер, шанкер, продавач во бутик, менаџер на клубови и локали.

Како и кога дојде, до според нас најуникатниот спој на музичката сцена во Македонија, а тоа е ДНК заедно со Андреј?

Тоа беше негде во 2002та година. Тој имаше свој бенд кој се викаше ТNT и некако ми беше нај нај од сите тројца членови на бендот. Кога тие се распаднаја се договоривме да основаме свој бенд. Нашата прва песна ако не се лажам беше “Девојка за везден”или “Благодарам однапред” , не сум сосема сигурен.

Дали правевте ДНК анализа за да го дадете ова име на бендот?

Па и не многу, не знаевме како. Бевме кај Александар Ристески Prince и тој се сети на ова несекојдневно име, кое да требаше сега да го смислуваме, не верувам дека би се крстиле вака.

Kој најголемиот хит на ДНК?

Па откако се тргнавме од кај Врчак, мислам дека дефинитивно е “Дада”, потоа се реда “Авион”, “Срце”, “Што сака нека биде” и други. На Мак Фест мислам дека беше 2007та или 2008та година, се вративме на сцената со “Таа тоа го крие” , после тоа следувaa “Навлечен на тебе сум” , “Полна месечина” и.т.н. Но еве пак ќе потенцирам мислам дека “Дада” и “Што сака нека биде”, ма уствари на настапи одат сите песни добро, така да супер е. Сето тоа благодарение на Лазар Цветкоски кој е дел од ДНК, односно третиот член на ДНК. Да не е тој бендот нема да е тоа што е денес, дишеме како еден .

Настапувате низ цела Македонија, на сите ваши настапи има силна енергија, многу скокање и заедничко пеење со публиката. Имавме чест да ни бидите гости на годинешниот ПИВОФЕСТ во Прилеп. Беше ли ова најголем концерт за вас или сте имале и поголеми и дали бројноста на публиката ви е предизвик?

Па еве сега бевме во Велес на Питијада имаше многу луѓе, Пиволенд во Скопје, Саем, нашиот солистички концерт. На Пивофест во Прилеп, не знам дали бил нашиот најголем настап, но сигурно е меѓу најголемите наши настапи. Најбитно е што фид бекот беше прекрасен и се споивме со публиката. Исто така е битно тоа што организаторот на манифестацијата, Градоначалникот Марјан Ристески беше презадоволен, и ете јавно му се заблагодаруваме за укажаната можност и доверба. Да бидам нескромен се сакаме многу со Прилепската публика, одлични се и имаат префинет вкус за музика, ако не те бива можеш Господ да бидеш, но од нив нема да имаш фид бек. Така да тоа кажува нешто нели?

На што си особено горд во својот живот, на што си прокапел најмногу пот за да постигнеш?

Буквално на се. Таква судбина имам да се што имам е направено е од самиот себе. Живеев само со мајка, која беше технолошки вишок и имаше денови кога дома немаш струја, а не ретко и фрижидерот беше празен. Но мајка ми беше страшен борец и најверојатно сум ги земал тие убави особини од неа на што сум многу горд. Не се срамам од ништо, спијам мирно, не должам никому, немам кредити за враќање и се немам замерено со никого, односно му немам нанесено зло со намера никому. За жал мајка ми ја изгубив, но сум особено горд на тоа како ме воспита, направи вистински борец од мене и човек кој е бунтовник со причина. Ете за тие што мислат дека сум мамин и татин син, нека прочитаат дека телевизијата лаже, Панчо е друг човек позади камерите.

Што е најголема љубов на Владимир Блажев?

Спортот, за кој се помалце имам време, но се трудам секој слободен момент да го искористам за тренинг. Гледам спорт и едноставно така се релаксирам. Втора љубов ми се книгите и манастирите, во кој барам мир и моменти за самиот себе кога сакам да избегам од се.

Дали сте планирале да станете гастарбајтери, или се живее од музика во Македонија?

Имало и такви моменти, но ете некако имам доверба во оваа наша држава и мислам дека ќе биде како што треба, само полека, чекор по чекор. Многу луѓе прават опструкции, но што е наше ќе си дојде нели? Ни Рим не се изградил преку ноќ, а ние опстојуваме нецели 25 години како самостојна држава, па и нормално е да има ваква бурна транзиција.

East Coast или West Coast ?

EAST дефинитивно !

Какво е твоето мислење за музичката сцена кај нас, како да се искорени овој шут и кичерај што го увезуваме од северниот сосед, со што треба да се позанимаваат нашите продуценти, нашите медиуми?

Едноставно веќе немам мислење за тој кич и шунд. Ти не може да им го земеш на луѓето правото да слушаат тоа што сакаат, тоа е нивно право. Но медиумите треба малце повеќе да се занимаваат со македонските артисти и да ги пренесуваат како вистински ѕвезди, да има повеќе Talk show-a kako порано, Топ листи, а не кога се пишува за македонски артисти имаш 5цм простор, а за странец 20цм, така да се е кажано.

Ексклузивно за нашите читатели, што готват следно Панчо и Андреј, со што за скоро ќе не израдуваат?

Албум кој ќе излезе кон крајот на aприл или средината на мај идната година. Ќе се вика “Уште еден ден”, истоимена песна која е посветена на мојата мајка. Пред албумот ќе излезе уште еден сингл со видео, кој се вика “Taа зна” и тоа ќе биде последен официјален сингл пред да излезе новиот албум.

Каков е патот до успехот?

Тежок, трнлив, со безброј сопки и стапици. Ако си сам како што сме ние остаруваш пред време, но сето тоа е лекција која ја учиш каде што не се учи ниеден факултет, освен на улица. Благодарен сум на Бог, кој ми го сочува умот и ми дава енергија за да продолжам да ја работам оваа работа од која искрено сум сакал да кренам многупати раце, ама ете сеуште според Бог имам што да кажам на оваа МК сцена. Кога ќе немам ништо повеќе ќе ми даде знак и ќе се откажам.

Порака до читателите на маркукуле.мк?

Па да бидат ведри, насмеани, да не се преокупираат со туѓи мислења и да си го живеаат нивниот живот. Сите ние имаме свој свет, своја имагинација, всушност чим Бог ни дарил живот и душа, значи сме тука со причина. Затоа направете нешто корисно по што ќе ве паметат идните генерации кога нема да бидете на овој свет.

 

 

Тимот на маркукуле.мк ви посакува многу успеси, многу ангажмани, хитови и дај боже да чекорите кон врвот и надвор од границите на Македонија. Останете такви какви што сте, уникатни, позитивни.

Подготви: Александар Георгиоски




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.