Премиерот тивок кон Бугарите, ама гласен кон просветарите

Денеска започнува втората недела во која децата нема да бидат во училишните клупи. Со одбивањето на понудата за покачување на платите од 10%, СОНК реши да продолжи со уцени кои се единствено на штета на образованието на учениците и им го отежнува секојдневието на родителите, напиша премиерот Димитар Ковачевски на неговиот фејсбук профил.

– Владата прави сериозни напори за да се избори со кризата, да ги амортизира поскапувањата и да обезбеди достоинствен живот за нашите граѓани, пред сѐ за најранливите. И во вакви тешки услови на светска криза, ние сме веројатно единствената Влада која овозможи историско зголемување на платите и пензиите и силно финансиски ги поддржа граѓаните. И покрај сѐ, СОНК смета дека покачувањето на платите од 2.500 денари е малку. Во услови кога со антикризните мерки кои ги донесе владата сметките на граѓаните се помали за 4.000 денари месечно. Ова едноставно не може да се смета за разумен став туку за очигледен притисок со што е евидентно дека СОНК личните интереси го става пред оние на децата, објави Ковачевски.

Од 2017 година до денес, пишува премиерот, платите во образованието се покачени за 21%. Со овие дополнителни 10% тоа би биле 31% покачување кои за СОНК во услови на светска економска криза не се доволно. За споредба, за пет години, од 2011 до 2016 година платите во образованието беа покачени за само 4%.

– Владата прави сѐ што треба за да го одржи дијалогот и да најде заеднички јазик, но барањата и односот на СОНК се целосно неприфатливи. Местото на децата е во училиштата и во оваа ситуација единствено СОНК и раководството се одговорни за тоа што тие не го остваруваат правото на образование, порача на ФБ премиерот Ковачевски.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.