Преку салата во “Ричко”, Бикоски како капитен ќе не’ носи во Европа

Христи Бикоски и понатаму останува верен на Прилеп!

Во сезоната која претстои, раководството на РК Прилеп го продолжува договорот со еден од најдобрите поединци и стрелци.

За Бикоски ова ќе биде шеста сезона по ред во жолто-црниот дрес, каде за прв пат ќе го предводи тимот во својство на капитен.

Бикоски капитенската улога ја презема од Филип Велески, кој стави крај на својата кариера. Тоа е дополнителен товар на грбот на младиот ракометар, ако се земе во предвид дека Велески беше столб на тимот и во клучни моменти вистински мотиватор.

За жал, се’ уште нема најава дека клубот би можел да се врати во спортскиот храм на Прилеп, а тоа е Универзалната сала. Засега сите напори салата да се стави во владение на општина Прилеп заглавија во дневно-политичките лавиринти. Надеж дава новата Влада и новоформираното министерство за спорт. Жално би било за екипа која претендира да обезбеди излез на европска сцена, и во наредната сезона да настапува во училишна спортска сала.

Сепак, на Бикоски му посакуваме успешни настапи во натпреварувачката сезона која следува и многу голови!




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.