После 61 година од изградбата, ООУ “Кире Гаврилоски Јане” конечно доби нова спортска сала.
Спортската сала која се наоѓа во училишниот двор, со години беше желба на учениците, родителите и наставниците по физичко образование.
Сите 873 ученици во ова училиште наскоро ќе имаат можност да спортуваат во современи услови, а за одвивање на наставата се набавени нови помагала и нагледни средства.
Иако училиштето досега немаше спортска сала, од Федарацијата за училишен спорт е избрано за најспортско училиште на ниво на Македонија. Во училишните витрини досега се собрани голем број освоени награди, како на општинско, така на регионално и државно ниво.
Спортската сала во ООУ “Кире Гаврилоски – Јане” е петта во Прилеп, после изградбата во минатото на вакви спортски објекти во медицинското СОУ “Ѓорче Петров”, економското СОЕПТУ “Кузман Јосифоски – Питу”, ООУ “Добре Јованоски” и индустриското СОУ “Ристе Ристески – Ричко”.