Денеска во манастирот Св. Марена, во близина на селото Туминец во Мала Преспа, Албанија, традиционално се одбележа големиот христијански празник Св. Марена, или кај народот познат како Света Огнена Марина (Марија).
Голем број Македонци од околните населени места, но и од Македонија, како и иселеници во странство, денеска беа присутни во манастирот и заедно заиграа македонско оро и запеаа македонска песна.
Една прекрасна атмосфера која вреди да се проследи во продолжение:
Светата великомаченичка Марина, во народот познат како Огнена Марија, се почитува како борец за христијанската вера и заштитничка на жените.
Во манастирот Св. Марена кај Туминец цели 17 години редовно одат и група прилепчани, кои постојано собираат средства за помош на ова светилиште и набавуваат предмети кои се неопходни за подобро функционирање на манастирот.
Според народното верување, Света Марина пали и казнува со оган и како и Свети Илија кој казнува со гром, спаѓа во огнени светци.
Иако овој празник на црквата во календарот не е означен со “црвена буква”, но сепак е многу почитуван во црквата и меѓу народот.
Манастирот кај Туминец датира од 18 век, а обновен е во 1926 година. Се наоѓа на самиот брег од Преспанското езеро, локација која самата по себе му дава дополнителна убавина и привлечност.
Селото Туминец е едно од десетте населени места во Мала Преспа. Се наоѓа на самиот брег на Преспанското Езеро во близина на граничниот премин Стење-Горица и е второ село по големина, со околу 800 жители.