Прекрасната традиција во Свети Николе за Тодорова сабота: Започна Меѓународниот фестивал на изворен фолклор “Тодорица 2019” (Фото)

Празникот Тодорова сабота или кај народот познат како Тодорица во Свети Николе се слави од памтивек, во чест на Светиот Великомаченик Теодор Тирон . Односно не постојат записи, меѓутоа како и секое населено место што имало определен празник кој го славеле и на кој се одржувал панаѓур и народен собор, така и Свети Николе години наназад го слави овој верски празник.

На Тодорица на панаѓурот доаѓале луѓе од сите околни села и градови, каде играле ора карактеристични за фолклорот на овчеполието. Истовремено поголем број на музички тајфи свиреле за разиграните играорци.Според кажувањата на најстарите светиниколчани едни од најдобрите играорци биле од селото Кнежје.

Инаку, Фестивалот на изворен фолклор Тодорица годинава се одржува по 19-ти пат, а од 2003 година има и меѓународен карактер заради учество на фолклорни ансамбли од други земји. Организатор на манифестацијата е локалната самоуправа на Општина Свети Николе и Домот на културата „Крсте Петков Мисирков“.

Фестивалот годинава започнува со прием кај градончалникот Сашо Велковски, продолжува со дефиле на учесниците низ градот, по што настаните продолжуваат во кино салата во Домот на културата „Крсте Мисирков“. Во програмата учествуваат групи коинегуваат изворен фолклор од Србија, Босна и Херцеговина и Македонија.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.