На 5 Мај се одбележува Денот на македонскиот јазик, денот кога во 1945г. е озаконета македонската азбука. По тој повод во Гимназијата „Мирче Ацев“ се одржа свечен настан на кој со своја изведба настапија група ученици кои со креативен, малку драматичен, но и поетски израз нѐ прошетаа низ историјата на македонската писменост.
Од деветти век до постмодернизмот, во едно сценско парче, преку внимателно избрани стихови и симболика беше испратена јасна порака за моќта на јазикот и азбуката – како личен и колективен идентитет.
Од „Труд ми е името“ преку „Убавино ти ме заморуваш веќе“ до „Силно светнал ден “ и „Каде и да заспиеш ќе сонуваш на македонски“.
Особено впечатлив беше делот замислен како вовед во вести. Во тој дел беа нагласени странски зборови што се употребуват на македонските гласила а за секој од нив постои разбирлив и соодветен македонски збор. Со таа сценска слика учениците потсетија дека јазикот не го губиме само ако ни го одземат, туку го губиме и тогаш кога самите го „чепкаме“ без причина. „Овде не чепкај ова е мое“ не е само мисла од Горан Стефановски, туку е и потсетник на нашата самобитност, особено во време кога јазикот и културата како да стануваат мета на заборавот. Сепак, учениците докажаа дека јазикот не е само средство за комуникација туку и простор за создавање соништа.
Настанот започна со творбата „Зборот што ме буди“ од професорката по германски јазик во нашето училиште, м-р Викторија Мрмеска Богданческа, во изведба на Вероника Кочоска, а продолжи со рециталот во изведба на Евгенија Димитриовска, Ангела Чупетреска, Марија Јованоска, Иван Здравески, Стефан Петрески и Илин Ристески под менторство на професорката Елена Томевска.
Настанот беше топло прифатен од пристуните, а целосно беше поддржан од директорката Весна Михаиловска.