Барањето на премиерот опозицијата да не прави притисок за нови предвремени парламентарни избори дава една нова димензија на приказните кои веќе подолг период ги шири ВМРО-ДПМНЕ, дека е во сериозни преговори со пратеници од владејачкото мнозинство кои би можеле да ја cpyшат владата на Заев.
Oд една страна власта од време на време излегува со ставови дека ќе привлече дополнителен број на пратеници кон своето мнозинство. Од друга страна, Собранието тешко функционира. 62 пратеници согласно законот е доволен број за да се изгласа владата и премиерот но во пракса, тоа значи дека тешко ќе се обезбедува кворум, а со тоа и мнозинство за гласање.
Критичарите на Владата велат дека ниту правецот по кој државата се движи е јасен, ниту европската агенда гледа простор за напредок, а економијата е во рецесија. Серијата лоши извештаи кои Македонија ги доби од меѓународните институции само и отворија простор на опозицијата да го засили темпото.
– Час поскоро треба да се одржат предвремени парламентарни избори бидејќи ова нестабилно, мало, тенко владино мнозинство покажа дека Македонија е хибриден режим, дека е заглавена во коpyпција и е на 111-то место. Според сите останати други скали на мерења, по број на странски инвеститори, по пад на економија, ние уназадуваме или сме на дното во регионот, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кој веќе неколку дена е растрчан на терен што се слики кои најчесто ги гледаме во периодот пред избори.
Точно е дека 2021 е изборна година и имаме закажано локални избори но Мицкоски веќе јавно бара заедно со локалните на есен да се организираат и предвремени парламентарни избори.
За тие барања има поддршка од сите опозициски партии и во македонскиот и во албанскиот блок, што го носи на само 3 пратеници од мнозинство за изгласување на недоверба на Владата и распуштање на Собранието. Дополнително, на страната на опозицијата е и фактот дека локалните избори се веќе закажани, па Мицкоски ќе може да го користи аргументот дека спојување на двата изборни процеси значително ќе ги намали трошоците.
И покрај пораките на премиерот дека избори треба да има во 2024 година, никој во СДСМ, па веројатно ниту тој самиот не може да гарантира дека тие нема да се случат порано. Доколку СДСМ пресмета дека октомври е добар датум за избори и дека во актуелната состојба нема простор за раст, Владата брзо ќе најде причина поради која ќе влета во изборната трка.
Затоа во овој момент тешко е да најдете некој од политичките аналитичари кој со сигурност може да каже дека во оваа 2021 година нема да има предвремени парламентарни избори.
Македонија последен пат редовни парламентарни избори одржала во 2006 година кога Бучковски на чело на СДСМ ја загуби власта од тогашниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски. Од тогаш до сега се поминати 15 години со 5 изборни процеси. На 4 победи ВМРО-ДПМНЕ но СДСМ два пати успеа да формира Влада.