На самиот крај од бербата на годинашниот род и пред стартот на новата откупна кампања, македонските тутунопроизводители се консолидираат и реорганизираат. Со цел навремено дејствување за постигнување на повисоки откупни цени, за соодветно вреднување на тутунарскиот труд, но и за спас на тутунопроизводството како важна стратешка земјоделска гранка, а која во последниве години е во слободен пад, формиран е нов Сојуз на тутунски здруженија, со кој ќе раководи агрономот Кире Ристески – oбјави “АЛФА ТВ”.
“Откако го добивме овластувањето за застапници, бранители на тутунопроизводителите, воспоставивме контакт со сите откупувачи…И ние не сме задоволни од оваа цена и во понеделник имаме средба со министерот Цветан Трипуновски, кој е добар познавач и на теренот, и на тутунот. И мислиме дека ќе наидеме на разбирање за да договориме повисока откупна цена со откупувачите”, изјави Кире Ристески, нов прет. на Сојузот на тутунски здруженија.
Ваквите нови чекори се неопходни, вели Ристески и заради фактот што опстаноткот на тутунопроизводството е ставен пред голем знак прашанк, најмногу заради иселувањето, но и незаинтересираноста на младите да работат тутун.
“Да ги задржиме младите да го работат тутунот. Статистиката говори дека тутунот го работат луѓе кои се над 55 години старост. За жал, тие не можат да ја задржат оваа гранка во производство”, објаснува Ристески.
“Јас годинава имам три тони тутун. Нормално, тутунарите не се задоволни од оваа цена и се надеваме дека ќе постигнеме цени со кои ќе бидат задоволни и тутунарите, а и ние како Сојуз”, кажа Јусуф Ибраими, тутунопроизводител од с. Житоше.
Во меѓувреме во тек се и полагањата за добивање на лиценци за повереници и проценители кои годинава ќе бидат вкупно 80. Откупот ќе го вршат 10 откупни компании кои веќе ги имаат обезбедено банкарските гаранции. Проценките на Сојузот се дека годинава родот ќе тежи околу 17 милиони кг тутун, наспроти очекуваните 26 милиони кг. Тутунот е со одличен квалитет и во споредба со лани – произведените количини, годинава за 20-30 проценти е повеќе, проценуваат тутунарите. Заверката на мострите, според законот, треба да заврши најдоцна до 15 ноември, кога започнува и откупот. Ланските откупни цени беа 375 ден. за прва класа, 300 за втора и 260 ден. за трета класа. Годинава, тутунарите се надеваат на повисоки цени, и заради квалитетот на родот, но и заради зголемените производствени трошоци.
Каролина Дурло/ТВ АЛФА