Пред почетокот на пролетната полусезона на Првата лига разговор со Претседателот на ФК Победа д-р Гоце Ингилизов

16681590_1118259548285105_6555657473860912956_n

1.Во паузата меѓу двете полусезони, додека играчите беа на одмор, клупското раководство на Победа во договор со Стручниот штаб презеде кокретни активности за засилување на екипата во грчевитата борба за опстанок. Пазарот во зимскиот трансфер период е лимитиран, но сепак ангажирани се 7 нови фудбалери. Ваша отценка за преодниот рок на Победа?

-Во овој преоден рок направивме неколку промени во играчкиот кадар. Се засиливме на неколку позиции за кои што Стручниот штаб сметаше дека има потреба. Десетина играчи поминаа на проба, а останаа 7 од нив. Тренерот Штерјовски е задоволен од новите играчи затоа што се засили конкуренцијата, а со тоа и желбата за подобро претставување на фудбалерите во настојувањата да изборат место во стартната постава.

2. Екипата започна со подготовки на 8-ми јануари. Се тренираше во Прилеп, а обезбедени беа и 11-дневни зимски подготовки во Охрид. Одиграни беа повеќе контролни натпревари. Разбирливо резултатите во овој подготвителен период, кога се гради игра и се воигрува тимот со постојните и новите играчи, не се во прв план. Дали Победа подготвено влегува во пролетната битка за опстанок?

-Овозможивме солидни услови за подготовки. Фудбалерите според мене, се поспремни физички и се надевам дека тоа ќе придонесе за подобри резултати. Од она што го видов на овие пријателски натпревари, мислам дека имаме добар тим. Во есенската полусезоа загубивме многу бодови поради физичката неподготвеност и малиот фонд на квалитетни играчи. Сега за овој пролетен дел се надевам дека тој проблем го немаме и дека сите играчи максимално подготвени ќе влезат во овој дел од првенството. Победа има костур од играчи кои се тука подолг период и јас верувам во нивните способности. Со овие зимски подготовки сите се на ново повисоко ниво.

3. Како на финансиски план стои Победа. Клубот е стабилизиран, зад него стојат силни спонзори, а Локалата Самоуправа за годинава вети подршка од 100.000 евра?

-Клубот се движи во рамките на зацртаниот буџет на почетокот од сезоната. Спонзорите се присутни и се грижат за клубот, што е одлично, но и очекуваат резултати, што е нормално. Со градоначалникот Ристески, се слушаме по неколку пати во денот и тој е вклучен и помага во сите активности. Општината за оваа сезона одвои 100.000 евра од буџетот, што е за поздравување. Но во фудбалот, како и во секој друг спорт, во голема мера, резултатите се зависни од финансиите. Токму заради тоа и во оваа прилика би ги повикал сите заинтересирани компании, кои би сакале да помогнат. Ние им нудиме соработка. Треба само да ни се обратат и да ја искористат промената во Законот за спорт со кој се овозможува ослободување на дел од данокот на добивка ако се инвестира во колективни и индивидуални спортови.

4. Што е преземено на организациски план во зимскиот период? До каде се активностите околу почетокот на работите на Градскиот стадион ,,Гоце Делчев”?Најавивте можност пролетва Победа да игра во Прилеп на теренот на Могилата.

-Градскиот стадион не е во наша надлежност. Победа е само корисник на објектот. Се работи на теренот, но не со таков интензитет како што очекувавме. Но динамиката не зависи од ФК Победа, ни пак од Општина Прилеп. Се надевам дека работите ќе се забрзаат и за некој месец да добиеме терен по УЕФА стандарди. Она што е убаво и што може да ги радува сите љубители на фудбалот е реконструкцијата на трибините. Тоа е работа која зависи од Локалната Самоуправа и Градоначалникот секој ден притиска за да се забрзаат работите во таа насока.

Околу можноста за играње на стадионот на Могила, во овој момент не би сакал да коментирам. За десетина дена ќе знаеме дали ќе имаме можност конечно да играме пред прилепската публика а таа да следи прволигашки фудбал. Целиот клуб, навивачката група Мајмуни, сите јавни претпријатија и неколку приватни градежни фирми, сме ангажирани на овој проект, кој би ни значел многу, ако го завршиме на време.

5. За јавноста исто така е интересен и проектот со кој ФК Победа конечно би добил свој тренинг комплекс со што засекогаш би се надминале проблемите со условите за тренинг на сите клупски селекции од сениорите па се до петлињата.

-Секој фудбалски клуб, секој спортски колектив, кој размислува долгорочно, треба да има свој дом и простор каде непречено ќе работи и ќе развива нови млади играчи. Ваква база или тренинг комплекс имаат сите поорганизирани фудбалски клубови низ светот. Работиме во соработка со Локалната Самоуправа на изработка на проектите и се надевам дека за брзо ќе може нешто конкретно да видиме и од тоа. Во моментов, а и во минатото, ФК Победа е без неопходен нормален простор за тренинг. Тоа е огромен проблем за кој требало да мислат и оние кои пред мене работеле во фудбалот десетици години..

На крај, морам да ги поздравам членовите на НК “Мајмуни”, кои цело време се блиску до нас и не следат на сите натпревари, но и се ангажираат за сите други активности за доброто на клубот.

 




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.