Вчера попладнето, првпат во својата историја Победа на еден официјален натпревар беше домаќин во Турново. Во 6-тиот натпревар од казната (преостанува уште еден меч со Гостивар) ,Победа во дербито од 20-ттото коло на Втората лига го пречека и совлада до ова коло водечкиот Тетекс, со 1-0. До вториот триумф над ,,штофарите,, во оваа сезона (по оние 3-1 на Борис Трајкоски есеноска), Победа вчера стигна со еден гол, чиј стрелец во 25-тата минута беше Мирчески. Тоа беше натпревар со висок интензитет на игра на одличниот терен во Турново. Победа започна многу пдобро, поагресивно и тргна високо на противничката половина. Ваквиот старт резултираше со нереализирана зицер ситуација токму на Мирчески, кој не ја зафати топката онака како што посакуваше. На спротивната страна во 10-ттата минута гостите преку Божиновски го упатија првиот од двата удари кон голот на одличниот Манчевски, но негов сојузник беше стативата. За водстото на Победа големи заслуги му припаѓаат на Шаркоски кој ја закачи топката, но и настрада во дуелот со двајца гостински одбрамбени фудбалери, по што таа дојде до осамениот Мирчески, кој го лобуваше немоќниот Силјановски.
Во вториот дел гостите го упатија единствениот удар преку Блажевски, но Манчески беше на место, исфрлајќи ја топката над пречката. Победа се закани во 58-та минута преку Карчески кој биеше со глава, но Силјаноски одбрани, а потоа во шанса беше и Шаркоски, чиј удар беше изблокиран. Со мудра и рационална игра, игра која бараше максимална концентрираност, многу трка на теренот, залагање од сите кои ја добија шансата и довербата на Стручниот штаб, победашите успеаа да ја сочуваат тешко стекнатата предност од првиот дел. Во секој случај сите ги заслужуваат честитките и од многубројната прилепска јавност, а ги добија аплаузите од 70-тината навивачи кои го бодреа тимот во текот на сите 90-минути, што беше сигурно и најдоброто издание на тифозите сезонава…. Мора да се потенцира и крајно коректната арбитража (што е реткост сезонава), на судиската четворка на денешниот натпревар, на чело со Сејменов.
Победа-Тетекс 1-0(1-0)
ПОБЕДА:Макрески (од 1 мин Манчевски), Котески, Крстески, Колески, Димитриоски, Мегленски, Шаркоски, Карчески, Наумоски(од 73 мин Петрески), Мирчески(од 88 мин Здравески) и Гешоски.
Во следното 21-во коло Победа ја очекува првото од двете врзани гостувања-Еуромилк, па пелагониското дерби со Пелистер(22 коло).