Прва изложба на прилепскиот уметник Владимир Здравески

На 27 август /четврток/ 2020, од 20.00 часот во ликовната галерија на НУЦК„Марко Цепенков“ ќе биде отворена изложбата „Микроманипулации“ од уметникот Владимир Здравески

„МИКРОМАНИПУЛАЦИИ“ e тематска изложба од девет дела кои се последица на истражување на микроскопски записи од разни органи и други ситуации кои се дел oд микросветот.

Владимир Здравески за изложбата

Причината за создавањето на делаta е предизвикот да извлечам некаква микроситуација од микро во макропростор. Навлегувањето навнатре (се мисли на микросветот) и континуираното ширење ми ја изместија перцепцијата за тоа што е големо и мало, далеку и блиску, микро и макро, сето тоа заедно како еден флуид кој непрекинува. Секој составен дел од тој свет има своја посебна намена и улога значајна за себе и за целината од која е дел. Исто така секој дел е понесен од некаква енергија за да ја врши таа функција, а истата таa eнергија е и нашата движечка сила. Па, така, во мојот случај решив дa бидам таа енергија и дел oд тие микроситуации да ги зголемам за да бидат видливи за човечкото око.

Конопот и јутата кои сами по себе претставуваат груб и крут материјал, сематеријали кои често ги среќавав во мојот живот, бидејќи сум роден во град каде што често се користат за тутунот. Долго време ги игнорирав бидејќи ги сметав за бескорисен материјал надвор од нивната функција. Овојпат ми привлекоа големо внимание, особено заради нивната груба текстура и крутост. Голем предизвик ми беше да ги искористам за да претставам нешто што е спротивно од нивните особини.

Исто така сметам дека човекот, одговорот за постоењето на непознатите работи често го бара околу него, со експерименти кои ја занемаруваат неговата природа како постоење, со слабо себеспознавање, многу ретко се осмелува да погледне „во себе“, што е она што е в онего и зошто е толку важно за тоа околу него и дека одговорот на многу прашања би дошол од тука.

ГОЛЕМИОТ СВЕТ НА МАЛИТЕ НЕШТА
(кон ликовната изложба „Микропанипулации“ од Владимир Здравески)

Лакомо заитани кон големото, кон широкото, кон пространото, си дозволуваме малото, ситното и тесното за нас да останат засекогаш незабележителни, невидливи и неразбрани. А што е големо и што е мало? И капката вода е океан. И невидливото семе од борот е столетен бор што ги љуби облаците, Малото-како почеток на сѐ. Малечката клетка е основа на секое живо суштество и без неа неможе да се создаде ткиво, без ткивото нема органи, а без органите нема организам.

И колку е сѐ поразбирливо, колку е живототполесен и поубав кога човек ќе тргне да се спознае себе и спознавајќи ги сите малечки делчиња ќе успее да го погледне големото лице на светот.

За очите на ликовниот уметник ВладимирЗдравески (1996) видливи се оние секојдневни, незабележителни нешта како виножитните бои во уличниот вир, мрснотијата на тавчето запржење и оние ситни цртички по кожата на кои не им посветуваме внимание дури ни кога ги лакираме ноктите и ги мачкаме рацете со крем и ако ти е постојано гледаат во нас.

И тука, е едновремено и филозовското прашање на авторот, а и одговорот што тој го извлекува и преку своите дела им го нуди на восприемачите на изложените дела. Токму преку микроманипулациите, како што е и насловена изложбата Здравески ја прикажува дребноста на големите нешта и јадроста на малите нешта и нѐ повикува на дискусија за перцепцијата. При тоа тој со визуелни техники манипулира за да ја постигне саканата естетска, уметничка и филозовска цел, но во никој случај не манипулира со публиката туку отвора прашања, поттикнува на размисла и насочува кон вистината.

Кога сите делчиња (Particles) ќе се спојат се добива едно цело. Создавањето на целото е процес (The process) кој има свој почеток и крај (Momentum). Целото твори круг а кругот е совршенство. Совршентвото е грижливо заштитено со епителот (Еpictelium) кој знае што треба а што не треба да се пропушти во јадрото на целината. Но, за да се сфати кругот понекогаш (или можеби секогаш?!) треба да се излезе од него (In-out).

Целосниот концепт на изложбата е издржан од повеќе аспекти и тоа користените материјали за создавањето на делата, формата и боите. Сите заедно јасно ни ја даваата втората порака што зборува дека уметникот осознал и јасно го прикажува осознаеното без да не става на мисловно и емотивно распаќе.

Влакненцата на јутата, конопот и хартијата префинето ја претставуваат идејата. Како форма преовладува кругот-создател на целината, симбол на совршенството, како што впрочем пее и Петре М. Андреевски „Тркалезно е и семето што го засејуваш во нивата“ (од песната Тркалезни форми). Тркалезното семе го раѓа тркалезниот леб кој го храни тркалезниот свет.

Боите пак, и во ѕиднитеобјекти и во фотографиите се складни и во контекст на она што се сака да се каже, а веројатно секој восприемач и низ боите и низ делата во целост ќе се препознае, ќе се запраша, ќе се дооткрие и ќе го збогати делото со уште едно ново видување, чувствување и размислување.

Филип Димкоски, поет и новинар




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.