Ништо од предизборните ветувања за поголеми плати за наставниците. Сегашната министерката за одбрана Радмила Шекеринска, пред две години даде изборно ветување дека почетната плата на наставниците ќе изнесува колку просечната републичка плата во Република Македонија.
-Во првите две години ќе обезбедиме почетничката плата на наставник да изнесува најмалку колку просечната плата во Република Македонија. Ниту еден наставник во нашата држава да нема плата пониска од просечната, ветуваше Шекеринска на 5 октомври 2016-та година.
Но со вчерашниот договор потпишан помеѓу Министерството за образование и наука и СОНК е утврдена најниската плата за најнизок степен на сложеност за вработените во основните училишта која ќе изнесува 12.714 денари, а во средните училишта, 13.117 денари додека просечната плата во Македонија за месец јуни изнесува 24 203 денари што е речиси дупло повеќе од износот кој го доби наставничката фела.
Платите на просветните работници во Македонија се меѓу најниските во регионот, а наставниците, за разлика од административците, не добиваат други поволности.
Наставниците не добиваат надоместоци за својата прекувремена работа која неретко се одвива и за време на викенд, па оттука највеното зголемување за 5 % (пет проценти) за 2018, нема да придонесе за поголема мотивираност на наставниците, а со тоа и подобрување на квалитетот на наставниот процес, ниту суштински ќе го подобри животниот стандард на таргетираните со оваа мерка.
Претседателот на СОНК, Јаким Неделков, изрази очекување дека во наредниот период владата ќе посвети поголемо внимание на образованието каде платите се најниски во однос на целиот јавен сектор.
Извор: “Курир”