Почеток на академска година и прв свечен академски час на Универзитет Скопје (ФОТО)

На Универзитетот Скопје, денес се одржа Првиот свечен академски час, со што беше одбележан почетокот на наставата за студентите запишани на прв циклус студии во учебната 2025-2026 година.

Во преполниот амфитеатар на Универзитетот, по интонирањето на македонската химна и на студентската химна Gaudeamus Igitur, со пригоден говор на студентите им се обрати Ректорот на Универзитетот, проф. д-р Аце Миленковски. Тој го претстави својот тим – проректорите, деканите, професорите и административниот кадар на Универзитетот и од името на сите свои соработници им посака топло добре дојде на новите студенти.

Во своето обраќање проф. д-р Аце Миленковски особено ја истакна посветеноста на наставниот кадар на Универзитетот во реализацијата на квалитетна настава со примена на методологијата на студирање по системот на трансфер на кредит според Болоњската декларација (ЕКТС-систем), потенцирајќи ја посебноста на УТМС како единствен универзитет во државата што доследно го спроведува овој систем со примена на дигиталните технологии, кои истовремено овозможуваат и непристрасна мерливост на знаењето.

Проф. д-р Аце Миленковски нагласи дека студентите, освен што треба да се стремат кон усвојување на компетенции што ќе им овозможат професионалните кариери, треба пред сѐ да се одликуваат со висока етика и морал во животот и во работењето. Осврнувајќи се на двата столба што се во основата на развојот на секоја цивилизација – здравјето и образованието – проф. д-р Аце Миленковски им порача на новите академски граѓани дека овие две вредности треба да се испреплетени во нивното секојдневно дејствување бидејќи се токму тие иднината на државата.

По завршувањето на свечениот академски час, студентите од секој факултет имаа одделни средби со деканите на кои беа информирани за идни активности во академската година, примената на дигиталната технологија во процесот на студирање, наставните програми, распоредот на настава, како и за користењето на Е-индекс, Е-студент и Е-библиотека.

Тимот на Универзитет Скопје уште еднаш им посакува успешна академска година на своите нови колеги!




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.