После подолго време поголемо намалување на цените на горивата од полноќ

Регулаторната комисија за енергетика донесе одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во прoсек за 5,56% во однос на малопродажните цени на нафтените деривати утврдени согласно Одлуката од 24.02.2020 година.

Од ноќеска на полноќ 00:01 часот на 03.03.2020 година, малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, се намалуваат за 3 денари за литар и ќе изнесуваат 64 ден/лит за ЕУРОСУПЕР БС-95 и 66,00 ден/лит за ЕУРОСУПЕР БС-98.

Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1), се намалуваат за 2,5 денари/литар и од ноќеска на полноќ малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) ќе изнесува 56,00 ден/лит, додека малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) на полноќ ќе изнесува 45,00 ден/лит.

Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се намалува за 3,175 ден/кг и ќе изнесува 30,390 ден/кг.

Од ноќеска на полноќ 00:01 часот на 03.03.2020 година максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:

Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 64,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС -98 66,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 56,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 45,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 30,390 (денари/килограм)

Клучните фактори што влијаат на крајната цена согласно Методологијата за формирање на цените е курсот на денарот во однос на доларот и референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар.

Во изминатиот седумдневен период референтните цени на нафтените деривати бележат намалување и тоа кај бензинот во просек за околу 10,40%, кај дизелот намалување е во просек за околу 9,63%, кај екстра лесното масло има намалување во просек за околу 9,47%, мазутот е намален во просек за околу 12,01%. Во исто време курсот на денарот во однос на доларот во изминатиов седумдневен период е намален за 0,35%. Согласно Методологијата за формирање на цените, вклучени се сите овие влезни параметри и извршено е соодветно прилагодување.

Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 03.03.2020 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.