Со анализа на последната пронајдена мумија во Египет се открило дека напредните методи на балсамирање биле правени многу порано од тоа што до сега се претпоставуваше.
Зачуваното тело на високиот благородник Куви беше откриено во 2019 година, а сега се откри дека тоа е 1000 години постаро од досегашните претпоставки.
Имено, оваа мумија датира од периодот на Старото кралство и докажува дека техниката на мумификација е стара 4000 години, пренесува Гардијан.
Се сметаше дека поради софистицираноста на процесот на мумификација на телото и користените материјали, вклучувајќи ја и неговата исклучително фина ленена обвивка и висококвалитетна смола, оваа техника на мумификација е од понов период.
Професорката Салима Икрам од Американскиот универзитет во Каиро рече дека ако навистина е мумијата од периодот на Старото Кралство, треба да се ревидираат сите учебници за мумификација и историја на Старото Кралство.
-Ова може целосно да го сврти нашето разбирање за еволуцијата на мумификацијата. Користените материјали, нивното потекло и трговските патишта поврзани со нив драматично ќе влијаат на нашето разбирање за древниот Египет, додаде професорката.