Поради дождот кој непрекинато паѓа, а се очекува да продолжи и во вечерните часови, локалната самоуправа на Прилеп ги откажа музичките настани планирани вечер во рамките на „Белата ноќ“ по повод 8 септември- Денот на независноста на Македонија.
Како што соопштуваат од локалната самоуправа откажан е целовечерниот концерт кој денеска од 20 часот требаше да се одржи во амфитеатарот во населбата Варош под Марковите кули. Требаше да настапат црковниот хор „Свето Благовештение“, градскиот хор „Света Петка“, детскиот хор „Мали Ангели“, Андреј Иваноски, Озген Сулејманоски и октетот „Прилеп“.
Што се однесува до двата настана што ги организира Центарот за култура „Марко Цепенков во рамките на Белата ноќ спроти 8 септември, тие ќе се одржат како што е и најавено, во изложбениот салон од Центарот: од 19 часот е концертот на учениците од Основното музичко училиште „Ордан Михајлоски- Оцка“, а од 20 часот ќе биде отворена изложба на дела од членовите на Друштвото на ликовните уметници на Прилеп. Ќе бидат изложени по две дела од 20 уметници, членови на ДЛУП.
Поради дождот откажана е и утрешната изложба на ракотворби „Килимијада“ која требаше да се одржи напладне на плоштадот пред Градскиот саат.
Утре, на празникот ќе бидат положени свежи цвеќиња и делегации ќе се поклонат пред спомениците на: Методија Андонов Ченто, првиот претседател на Президиумот на АСНОМ, на Кузман Јосифоски Питу, Ѓорче Петров, Пере Тошев, пред споменикот „Карпалак“ и на Моглата на непобедените во Паркот на револуцијата.