Вчера околу 23:00 часот кај село Удово полициски службеници дале знак за запирање на автомобил „Форд Галакси“ со скопски регистарски ознаки.
Лицето кое го управувало не застанало и се упатило кон Неготино.
Полициски службеници направиле уште еден обид да го сопрат возилото кај тунелите во Демир Капија, но возачот повторно не застанал и продолжил со движење кон Градско, каде со возилото се исклучило од автопатот и се упатило по регионалниот пат Градско-Прилеп.
Кај село Дебреиште лицето го запрело возилото и заедно со совозачот се дале во бегство.
Набргу потоа полициски службеници го пронашле возачот без документи за идентификација.
По негово кажување, се работи за А.В. (19) од село Арачиново, скопско.
Во возилото биле пронајдени 17 лица – мигранти од Авганистан. Во 23:30 часот возачот и мигрантите се приведени и задржани во Полициската станица Кавадарци.
Против лицето е поднесена кривична пријава поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „криумчарење на мигранти“.