Вчера во Крушево полицијата имаше акција против дрвокрадци, а во акцијата според првичните информации е уапсен и контролорот за превоз во ЈП „Липа“ Крушево, пишува порталот Инфомакс.
Претходно, „Инфомакс“ објави дека лицето Ј.Ј. било вработено во ЈП „Липа“ Крушево без договор за вработување, туку со договор во четири очи помеѓу Ј.Ј. и директорот на ЈП „Липа“ Спасе Стојчевски.
Според неофицијални информации, Ј.Ј. како контролор за превоз во ЈП „Липа“ Крушево издавал одобренија за сеча и собирање на дрва на име на „отпадно дрво“, за дрва од прва и втора класа, пишува порталот.
Имено, Ј.Ј. заверувал одобренија на лица кои сечеле првокласни огревни дрва за одредена сума на пари кои противправно ги присвојувал, а одобренијата за сеча и превоз на дрвата на територија на Крушево, Демир Хисар и Ресен биле лажно пријавувани како дрвен отпад. Дрвата, односно одобренијата Ј.Ј. ги наплатувал од 1500 до 2000 денари по метар кубен.
Извор: infomax.mk