Собранието на Република Македонија на денешната 75-та седница го верифицираше мандатот на пратеникот Рубин Земон.
Тој доаѓа на местото на досегашниот координатор на пратеничката груипа на СДСМ, Томислав Тунтев, кој беше именуван за генерален директор на Агенцијата за цивилна и воздушна пловидба.
Името на политичарот Рубин Земон до пред кус период не беше познато за пошироката македонска јавност. Тоа по кое луѓето го знаат денес, се неговите изјави за македонскиот репрезентативец Столе Стоилов, со кои ја разгневи јавноста.
Посебниот советник за развој на мултикултурно општество на премиерот Зоран Заев, Рубин Земон, кој е претседател на сојузот на балкански Египќани го прогласи еден од најдобрите македонски ракометари за ментално нестабилен, пишуваше Лидер.
Земон кој бил присутен на настанот на Агенцијата за спорт и млади од која Стоилов си замина затоа што се зборуваше на албански јазик тврди дека немало никаков скандал и дека еден од добитниците на спортските награди прво зборувал на мајчин јазик, а потоа продолжил на македонски.
Според Земон, ракометната ѕвезда Стоилов морал да остане да му честита на годинешниот добитник на наградата “Спортист на годината”, што ја освоил самиот лани.
„Секој си има право да си говори на својот јазик. Човекот ги поздрави луѓето на албански, а потоа го стори истото и на македонски.
Тоа е негово право и никој не смее тоа да му го оспори, а најмалку СтојанЧЕ, а уште повеќе од тоа да се направи инцидент.
Тој прво мораше да остане до крај како “спортист” на годината од лани и да му честита на овогодишниот спортист. Но изгледа човекот е ментално нестабилен.
Јас како поранешен ракометар го гледам и на терен, во одбрана е “дупка”, најслабата алка, а тоа е баш одлика на ментално лабилни, неодговорни и егоцентрични играчи“, анализира советникот за мултикултура на премиерот Заев.
Денес овој политичар доби мандат на пратеник во Собранието на Република Македонија. Заев тогаш не се огради од овие навредливи ставови.
Извор: “Курир.мк”